Friday , December 14 2018
Home / Ај, што ми е ретро, ем драго / РЕТРО: Тито и чичко Муртезан берберот-,,Јас ги шишав сите чауши”

РЕТРО: Тито и чичко Муртезан берберот-,,Јас ги шишав сите чауши”

4 мај, 2017. Или, 37 години од смртта на Тито и 114 години од погибијата на Гоце Делчев.

■Веселин : “Друг Тито је рекао да су студенти у праву” (Варљиво лето ’68)■

Со чичко Муртезан берберот, лани на овој ден, се запознавме сосема случајно. Поминувавме покрај неговиот дуќан, кој се наоѓа во кулите на Градски ѕид, спроти Црвениот крст. Стариот газда се викал Тале, името го задржал. Порано Муртезан имал свој дуќан на Водњанска.

 

Ја здогледав во берберницата големата слика од Маршалот, влегов и го прашав -“Знаете дека е 4 мај, нели?”. А, тој на мене, откако ги симна очилата-“Секако, еве баш сега го читав некрологот за Тито” и со прст покажа кон отворениот весник на претпоследната страница.

Има 85 години. Уште е на нога и потстрижува. Исто и неговиот син. До сликата на Тито е македонското знаме.
“Јас на времето ги шишав сите чауши во Скопје. А, сега сум чирак, бидејќи дуќанот е на син ми”, со насмевка ни рече. И додаде-“Знаете, ама, убаво е човек да се смее”.

Во берберницата, столиците со потпирачи за глава, се од 1965 година. Вистински раритет. И има некоја посебна магија овој дуќан. Во тој простор владее таков мир, да ги снемува сите проблеми. Мирно и носталгично, наеднаш се враќаат некои изгубени чувства.

Додека зборувавме влезе еден млад дечко за оформување на брадата.
“Сакаш со сапун или без сапун?”, го запраша дечкото чичко Муртезан. ( ете, научив дека без сапун било поевтино).

Стариот часовник на ѕидот од берберницата покажуваше 13.30 минути. Тито умре во 15.05.
Кога бев основно, секој 4 мај, во 15.05 часот во Скопје свиреа сирени. И стоевме мирно.

“Умро је друг Тито”, е реченицата со која медиумите информираа за неговата смрт во 1980 година. Оттогаш се’ тргна надолу.
Остави аманет, народите и народностите да го чуваат братството и единството како зеницата во окото, но никој не го исполни.

Слава им на Тито и на Гоце.

“Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови, изроди, како македонскиот” ( Гоце Делчев)

error: Content is protected !!