Friday , December 14 2018
Home / Бележник ,,Од небо, па во ребра" / НИЗ МОИТЕ ОЧИ: Шок бомбите го распукаа ,,името”

НИЗ МОИТЕ ОЧИ: Шок бомбите го распукаа ,,името”

 

Пишува: // Јорданка Ивановска 

Бел чад зад споменикот на Никола Карев пред собраниската зграда. Часот е 21.11 минути. Потоа црвена светлина. И  грмотевица на небото.
-Сигнална ракета-, си помислив.
Половина час претходно бев напред, имаше дистанца меѓу демонстрантите и полицијата од десетина метри. Неколкумина видов фрлаа со шишиња и дрвја по полицијата. Ќе фрлат, ќе се повлечат.
-Фрлајте во нозе, не во лице-, викаа дечките со маски.

Во еден момент, а речиси сум сигурна, на момците од полицискиот кордон почнаа да им се тресат нозете, бидејќи ги гледав. Се туткаа еден до друг, се повлекуваа назад, како да не знаат што да прават. Како да не знаеја што ги чека. Како да се првпат на задача.
Неколку факели им завршија во нозе.

Часот е 21.12 минути. Сега сум веќе кај Жена парк. Повторно бел чад во далечина. Поголем. И во еден момент се слушна силен звук од тој правец на активирана бомба.
-Смрдееееени пиииички ! -, урлаше еден дечко пред мене додека снимав.
Чув и женски глас-,,Уаааа, уаааа”. Некои други, во тој момент, пееја -,,Едно име имааамееее….”.

По 10 секунди нешто светна, па повторно силен звук на бомба-,,Баааам”. Овојпат звукот беше поблиску.
Луѓето почнаа да бегаат. Сфатија дека полицијата тргна по нас. Додека се пробивав, уште една шок бомба. Земјата се затресе, како да распука Шар планина. Ме заглуши. Ги ставив рацете на уши.
-Што е ова, господе боже-, си мислев во себе и бегав кон Портата, кон плоштад.
,,Бааааам”, уште една, како пред нозе да ми падна. ,,Бааам”, уште една. Веќе не знаев од каде точно доаѓа звукот.
Се вознемирив. Адреналинот ми беше висок, срцето почна да ми чука 200 на час.
-Пичка ли ви матер ваша-, викав и бегав. Се создаде метеж, панично бегаа стотици пред мене, зад мене.
За пет минути полицијата ,,истури” над 30 шок бомби.
Наоколу смрдеше на чад.

На следните 7-8 минути не се сеќавам. Не знам што правев точно и како се движев, шок бомбите го дезориентираат човека и стресот си го прави своето. Не знам како стасав 200 метри подалеку, кај семафорите пред Портата.

Следна сцена на која се сеќавам е дека полицискиот кордон и водените топови го расчистија просторот пред Собрание и веќе беа наредени пред нас, зад семафорите кај Порта Македонија. Зад нив водени топови, на готовс.
Пред нив, 30-на маскирани и бесни момчиња скандираа: ,,Ма-ке-донија, Ма-ке-донија”. Бараа по улицата било што за да фрлат по нив. Шише, камен, било што.

Повторно вклучив камера. Еден дечко пред мене удираше голем камен од асфалт за да му излезе бесот од бруталноста на полицијата. Еднаш. Два пати. Три пати.
-Ааааааа….Еби се, еби сееее-, се дереше гласно додека гневно гледаше кон кордонот.
Друго момче, од лутина, го откорна семафорот. Сам. Други ги кршеа знаците.

И во тој миг, почнаа да печат очите и да кашламе. Се создаде бела магла.
-Солзавец, солзавец. Бегааааајте-, предупредуваше некој глас.

Во мене немав ништо за да го покријам лицето. Не очекував вакво нешто. Бегав кон плоштад. Очите не ми гледаа, а во грло имав горчлив вкус на гас. И сама не знам како, но влегов во ,,Дестан” и истрчав веднаш кон тоалетот. Почнав да се мијам и да плукам. Очите ми беа црвени.
Сопствениците ги затворија вратите.
По 20-на минути, откако помина густото, 50-на луѓе повторно се вратија пред Портата. Меѓу нив и јас.
Стотина полицајци мирно стоеја. Глува тишина. Како на погреб. На истото место каде некогаш се славеа спортски победи.
Тишината ја распара еден човек со солзи и црвени очи од гасот. Одеше лево-десно и им зборуваше од далечина.
-Имааааате лииии срам ? По деца фрлате шок бомби, деца имаше во паркот-, викаше тој додека седев на бетонот и барав цигара.
Во тој момент еден постар човек се приближи на кордонот и им држеше говор. За нивната бескрупулозност.
Од позадина се слушаше и глас на млад дечко, во солзи.
-За ова ли загинаа во Арачиново ? За ова ли загинаа во Куманово ? По деца фрлате шок бомби, по стари луѓе. Дали платата ви вреди, дали тој леб што го носите дома ќе ви вреди. Нееема, нееема ! За што беа мачени нашите бранители, за што беа запалени, не можеа ни да ги погребаат. За ова ли?-, викаше со зарипнат глас.
Тишина, па песна повторно-,,Едно имеее имааамеее…”.  Се поклонија пред споменикот на ,,Бранителите” во Жена парк. Една жена застана пред кордонот со македонско знаме. Пркос.

Часот е 21.53 минути. Седам на подигнат тротоар кај турнатиот семафор. Светлото е црвено.
Грмотевица на небото.

Се враќам пред Собрание подоцна. Часот е 23.55 минути. Тишина. Малку полицајци останале да ја чуваат зградата на Собранието, а двајца без тројца комуналци ја метеа улицата.

На една канта, висеше бело знаме. Се приближувам, видов- бела маица. Исто е.

error: Content is protected !!