Friday , December 14 2018
Home / Ај, што ми е ретро, ем драго / ПОТСЕТУВАЊЕ: Кој и како ја тргна пораката на Тито од Музејот на Скопје

ПОТСЕТУВАЊЕ: Кој и како ја тргна пораката на Тито од Музејот на Скопје

Постземјотресната порака на претседателот на бивша Југославија, Јосип Броз Тито, која со децении ја читавме на ѕидот на Музејот на Град Скопје, беше отстранета во 2000-та година од тогашниот директор на институцијата, Ѓорѓи Чулаковски-Ѓото.
Неговото објаснување беше дека ѕидот е од панел, оштетен е, и мора да се обнови. А, дека буквите се на сигурно.
За по три години од отстранувањето да дополни-,,А, што е важно денеска што кажал Тито”.

Пораката на Тито, дека Скопје повторно ќе биде изградено, ќе стане град на братството и единството и симбол на југословенската солидарност, во вид на изјава, беше дадена на 27 јули, ден по катастрофалниот земјотрес.

Отстранетите букви беа од стиропор, а по нивното вадење, на ѕидот остана трага од лепилото, па пораката се читаше уште некое време, се’ до бојосување на ѕидот со бела боја, каков што беше до јули годинава.

Притисокот на медиумите не стивнуваше со години, новинарите бараа од музејското раководство, но и од тогашниот градоначалник Ристо Пенов ( избран со поддршка и гласови од тогашната влада на Љубчо Георгиевски), буквите да ги вратат на старо место и да не ја газат историјата. Пенов, се оградуваше и се прогласуваше за ненадлежен, а наследникот на Ѓото, директорот Климе Коробар од Владата на СДСМ, за ,,мир во куќа”, постави бронзена плочка со титовата порака, на самиот влез од Музејот. Која, ете, едвај се гледаше.

Буквите исчезнаа и никој, 17 години, не знаеше каде се, Ѓото одамна не е директор, Пенов истера уште еден мандат со поддршка на СДСМ. Во 2002 година дојде Владата на СДСМ, но никој од тогашните музејски директори и властодршци не вложи напор, а очигледно немаше ни никаква желба, пораката за солидарноста да ја врати на исто место, во автентична форма.

Пораката ја врати актуелниот градоначалник на СДСМ, Петре Шилегов, на 23 јули 2018 година. Поради неавтентичниот фонт кој не ја следи старата естетика, но и дополнителното лекторирање на старата изјава со нови точки и запирки, чинот на фушерајство, наиде на сериозна критика кај голем број скопјани.

error: Content is protected !!