Friday , December 14 2018
Home / Култура/Сцена / Знаеш ли зошто си ми бивши ?

Знаеш ли зошто си ми бивши ?

,,Раскажувачката”

Пишува : Фросина Ѓорѓиоска

Сакаш ли да знаеш зошто си ми бивши? Сакаш ли да ти кажам зошто скокав од радост кога раскинавме? Јас тогаш – девојче со стаклена самодоверба и уште постаклена душа:
-Фрос, кај си се облекла така со панталони ? Види на што личиш во таа вреќа.
-Зошто, што им фали? Нели се убави? – велам јас срамежливо, со наведната глава, стоејќи покрај каминот во неговата викендица.
-Со ногавиците широки те праат уште подебела отколку што си.
Стојам, се гледам и му верувам. Голтам кнедли, затоа што тоа беше кажано и со доза на презир. Презир кон мојот стил, не кон мене.
-Јас вака си се свиѓам и јас тебе не ти наоѓам маани дури и кога нешто не ми се допаѓа.

Вечерта имаме секс и тој си легнува во својот креват сам, велејќи дека не може да спие кога има некој до него. Легнувам јас на каучот во неговата ебана викендица. Јастукот мокар од солзи, ама патетиката не е мој стил. Станувам сабајлето, правејќи се како ништо да не било. И така секој ден, цели три години. Во тие три години, додека јас се челичев како човек, додека растев и се соочував со самата себе, и покрај постојаното критикување за се` што ќе кажам, облечам или направам, тој сепак не ме остави.

Јас бев премногу слаба за да го направам тоа. Тој беше ,,големиот уметник” за кого ништо не беше доволно добро. Ни сам на себе не си беше добар.
-И до кога ќе работиш келнер и до кога ќе живееш со мајка ти во тоа мочуриште од населба, Козле, каде си опкружена со прости и неписмени луѓе? Треба нешто да направиш, да не останеш во таа кал. Иначе, како јас и ти би биле дечко и девојка? Додека не направиш нешто со себе, рачунај дека пред јавноста јас и ти не сме ништо.

Ме болеа тие зборови. Индиректно ја вреѓаше мајка ми и местото од каде потекнувам.
-А, ја гледаш ли онаа Ана? Цела вечер правевме муабет на шанк. Многу фина девојка е. Има два факултети. А, ти што? Педагошки, ппфффф.
Молчев и го проколнував денот кога го засакав, а идиотот во мене немаше муда да замине. Детето во мене веруваше дека тоа е љубов и дека тој тоа го прави со најдобри намери.
А, единственото добро што го правеше беше за себе. Со мене ги лечеше своите комплекси, фрустрации од детството, каде секогаш место него, го фаворизирале брат му како подобар, попаметен, поуспешен.

Тоа што нему му го правела мајка му, тој ми го правеше мене. Јас и тогаш тоа го знаев, но моето животно искуство беше толку мало, што јас не знаев ни како се раскинува. Ги преживеав сите спуштени гаќи со разно разни Марии, Милени, Ани и остала дрољовска багра низ градов која се шитка за пијачка. И замислете, секогаш го фаќав. Гол, на сред секс. Со последната ко го фатив дури и` дадов пари за да си оди дома со такси, за да не настине невестата. Ти теквиТ уметниче? На уметник како него, испод част му беше  ,,извини” да каже на конобарката која му беше девојка.
Имаше врз мене моќ да прави што сака. Си одеше кога сака и се враќаше кога сака. А, јас секогаш бев тука. На перфиден начин ми наметна чувство на помала вредност и јас верував дека е подобар човек од мене само затоа што имаше поуспешна кариера од мојата.

Не можам да бројам колку пати ми раскина, а веднаш другиот ден ми ѕвонеше како ништо да не било. Три години после таквата психо тортура престанав да го сакам, но не раскинував. Тогаш и каменот имаше повеќе душа од мене. Тој го чувствуваше тоа. Одеднаш почна да вели дека многу ме сака, дека сака да има деца со мене. Но, доцна беше пријателе.
-Како да те сакам кога ме кршеше со секој збор и со секоја постапка цели три години. Живеев буквално во твоја сенка. Кога се оперирав во болница не дојде ни еднаш да ме видиш. И сега одеднаш кога виде дека ме губиш посака деца да ми праиш? Како, бе, така голем уметнику? Јас веќе цела година не сум твоја. И знаев дека од тоа се плашиш. Ми велеше дека живеам во мочуриште и сега одеднаш посака да и праиш деца на жабата од мочуриштето? Па, ми се колнеше дека тоа ти било со добри намери, за да ме мотивираш нешто да направам со себе. Исто со добри намери ли беше тоа што ја пикаше сламката кај ќе стигнеш, голем уметниче?
Експресен начин за губење девојка. И да, намерно заминав на одмор со другарките кога ти се разболе, затоа што знаев дека тука ќе е крај. Дека твоето его нема да го поднесе тоа што не дојдов да те видам. Во право бев. Ми се јави и се дереше како сум можела да бидам сурова и да не дојдам. Јас сурова !? Јас да ти правев така ко што ти ми правеше мене, ќе ме наречеше монструм. Среќа што не се запознавме сега, па да видиш што значи монструм. А, бидејќи јас не можев, тебе те наведов да ми раскинеш. И треба едно да ти е јасно: Мажот сто пати ќе остави и сто пати ќе се врати. Жена кога остава – остава еднаш. Затоа и треба повеќе време за да се реши на тој чекор. Денот кога те наведов да ми раскинеш го сметам за куќна слава. Катарза невидена.  Не знам што беше понавредливо? Тоа што ми велеше дека потекнувам од мочуриште или тоа што ме изневеруваше со која ќе стигнеш? Веќе не е важно. Претставата заврши, а ти веќе одамна ја изгуби главната улога.
Луѓенца мои, не бидете како јас што бев порано. На првата навреда кажете fuck off, макар тоа бил и татко (мајка) на вашите деца. Имајте достоинство и не дозволувајте никој да ја одредува вашата вредност, освен вие самите. Тргнете се од токсични луѓе на време. Мене тоа ме чинеше многу. Живејте. Не се правдајте за тоа што сте и за тоа што не сте. Вашата најголема обврска во животот е да бидете среќни, а тоа зависи само од вас.

error: Content is protected !!