Friday , December 14 2018
Home / Култура/Сцена / Македонски мадафака : Која си ти , мори курво една, да и` солиш памет на жена ми ?

Македонски мадафака : Која си ти , мори курво една, да и` солиш памет на жена ми ?

,,Раскажувачката”

Пишува : // Фросина Ѓорѓиоска

Седам у чекална на лекар и додека ја убивам досадата со играње игрици на телефонов, еден бизон ми направи да ми биде денот ,,интересен”. Покрај тоа што во моментот бев сопственик на затнат нос, покачена температура и грип, сопственик сум и на слаби нерви ко се работи за нанесување неправда.
Во чекалната влегува бизон, не постар од четириесет години, облечен у црни тренерки, растегнати на чкембето, кое кај нормалните луѓе се вика стомак. Жолти заби со талог од руската салата што ја јадел уште од Нова година, црвени образи, пот на челото, чупана веѓа, златна обетка на увото и петел фризура. Тоа е онаа фризура од страна кратко шишана, а горе долга и обавезно залижана со гел. Како додаток на овој стајлинг, златен ланец врз тренерката се подразбира. Парфемот што го користеше беше од органско потекло и се викаше ,,мртов стаорец под мишка”. До него како додаток, односно привезок, стоеше една ситна, испиена жена пикната во фармерки и кратка бунда. Кактусот во саксијата до мене беше пожив од неа. Дремеше до него со наведната глава и уплашена. Устата ја покриваше со марамче и само збунето трепкаше под долгите, руси прамени од коса кои паѓаа врз нејзиното истрошено лице. Во еден момент го трга марамчето од уста и гледам дека долната усна и е распукана и модра. Од удар. Нормално, кој друг, ако не од бизонот. Го гледаше уплашено, а тој стоеше до неа доминантно.
-Значи ко ќе влезеш кај докторкава, нека ти ја исчисти раната на устата и од овде идеме на клиника да абортираш.
-Ама ти реков дека не сакам, дека ми треба време да размислам.
-Овде јас кажувам што треба да сакаш, а што не. Или сакаш и горната уста да ти биде ко долната – , задоволно вели бизонот, дека успеал да натепа жена и да ја присили на абортус.
Мадафака фраерчина. На женава почнаа да и` течат солзи по лицето, но од срам од мене и од една бабичка која чекаше со мене, се криеше и ја вртеше главата на страна. Не можев да издржам повеќе:
-Девојко, знаеш ли дека можеш да го пријавиш насилников за семејно насилство? Оваа вреќа од 200 килограми агресивен целулит треба да одговара.
-Знам, еднаш пријавив у полиција и ми рекоа дека тоа е наша работа и дека треба да се смириме. Не знам кај да одам на друго место – , вели женава
-Која си ти , мори курво една, да и` солиш памет на жена ми? Сакаш сеа и тебе ќотек да ти удрам? Таман си у амбуланта, па ќе те сошијат набрзина.
-Ајде, повели. Така ќе имам алиби дека сум те убила у самоодбрана, со што би му направила услуга на цело човештво. Немој да ме проверуваш колку можам да бидам луда ко се работи за вакви стоки и насилници ко тебе.

Дијалогот тука заврши, затоа што дојдов јас на ред за да влезам кај докторката. И` кажав за девојката што е надвор. Ми рече дека е запознаена со случајот. И` реков да и` го даде мојот број, ако влезе сама, без бизонот.

Така и беше. Наредниот ден ми се јави, додека бизонот беше на работа. Ми кажа дека нема родители, биле починати, дека нема никакво наследство од нејзините, бидејќи била женско, па нејзините се` оставиле на брат и` кој живее во Германија и не ја ни контактира. Работела како продавачка во маркет и живеела под кирија која едвај ја плаќала кога се омажила. За да биде и финансиски зависна од него, идиотот ја извадил од работа. Плачејќи рече дека нејзините пријатели само ја сожалувале, но никој вистински не се заинтересирал да и` помогне, бидејќи никој не сакал да си навлекува проблеми, познавајќи го мажот и` како уличен тепач.
Јас лично не можев многу да направам за неа, но дадов контакти од луѓе кои и` помогнаа да се разведе, да најде работа и соба за живеење. Насилникот беше смирен со тужба од адвокат. Помина скоро година од тогаш и немав ништо слушнато за нејзе.

Пред некој ден ми се јави да ми каже колку е среќна, затоа што некоја тетка на мајка и` која е стара и болна и` го оставила станот у наследство. И овој пат плачеше, ама од среќа.
Жени, не толерирајте било каков облик на насилство. Мој совет е-пред да влезете во заедница со некој, прво треба да бидете материјално и финансиски независни. И бидете малце попроникливи во анализата на карактерот на вашите сакани. Не се потценувајте себеси и не прифаќајте ништо помалку од тоа што сте заслужиле. Нека не ви бидат децата изговор за вашата слабост, затоа што подобро е детето да расте со еден родител, отколку да расте во нездрава средина. Изговорот дека на почетокот бил добар, па отпосле се сменил – не проаѓа. Луѓето у принцип не се менуваат, туку на почеток само се воздржуваат од покажување на вистинското лице. Бидете паметни, затоа што никој нема право да си игра со вашиот живот. Жена си и можеш се`.

Сите права се задржани. Забрането е копирање и кражба на авторски труд. Дозволено е споделување на социјални мрежи со оригиналниот линк. 

 

error: Content is protected !!