Култура/СценаРаскажувачката

Дај донеси вотка сечена и не замарај

,,Раскажувачката”

Пишува : // Фросина Ѓорѓиоска

-Девојче дај една сечена вотка.
-Со што да е сечена?
-Сечена бе, ама конобарка си ти, што ме прашуваш вакви глупости. Дај донеси вотка сечена и не замарај.
Му носам вотка џус.
-Девојче, зошто ми донесе со џус, јас сакав со швепс.
-Ко те прашав со што сакаш сечена, место да кажеш швепс, ми рече да не те замарам. Еве не те замарам и пиј си со џус.
-Види девојче со мене нема заебанција, мене картичкава ми е без лимит, значи имам многу кеш. На јакнава читаш ли што пишува? Версаче. Оригинал. Читаш ли? – ми вели детиште од некои 19 – 20 години кое имаше поише гној у бубуљиците него мозок у главата.
Белиот каиш со златна тока и белата, светкава јакна на која со огромни букви пишуваше ,,Версаче” зборуваа многу не само за него, туку и за неговите родители.
-Читам дечко. А читам и тоа што ти пишува на челото – сељак.
-Ти знаеш ли јас чиво дете сум?
-Чив и да си, твоите не завршиле добра работа со твоето воспитание.
-Ај сеа бегај од масава, не разговарам со конобарки, испод част ми е – , вели Пешо Бубуљиковаки со кило гел на косата, пубертетски брк и златна обетка.
-Со задоволсто ќе се повлечам од твојава маса.

Набрзо потоа дојдоа неговите постари другари со  развиени бицепси, неразвиен мозок и розеви маици, два броја помали. Трајбол тетоважа на бицепсот се подразбира.
Од една вотка швепс или џус јас научив многу за детево и неговата фамилија. Научив дека неговите немаат капацитет за правилно да го воспитаат, научив дека првенствено тие како родители имаат погрешен систем на вредности. Го учат на натпревар, место на соработка. Го учат на его место на еднаквост и емпатија. Дечкото беше толку шуплив што можев да гледам низ него. Естетиката ја перципираше само преку сетилото за вид. Тој е дете со пари за кое ми падна жал, затоа што нема ништо друго освен пари. Тој не е свесен колку е сиромашен.

Сегашни и идни родители, не правете идиоти. Создавајте луѓе, не нелуѓе. Тоа што имате пари треба да ви е предност за полесен живот, а не хендикеп.

Познавам и прекрасни луѓе кои имаат пари. Но, вие преку вашиот идиотски син покажавте дека не сте достојни за улогата на родител. Не смеете да го воспитувате вашето дете да верува во класни разлики, да ги вреднува луѓето според типот на работното место и да суди за нивната интелигенција и способност врз база на тоа кој колку пари има.
Живееме во време на материјализам, затоа треба многу труд, многу повеќе труд околу воспитувањето од што требаше порано. Парите ќе ви купат се`, освен душа. Ако се задоволувате само со сметката во банка тогаш да ви се плукнам на парите. Светот требаше да го направиме поубаво место за живеење, а не посурово. Жалам ако мислите дека парите ќе го спасат светот.

Поготово во нашево општество гледам се повеќе неедуцирани и неемпатични луѓе. Kаде потфрли целиот воспитно – образовен систем и каде потфрлија родителите околу подигање на морално и духовно здрава личност? Форсирањето на вашите деца да бидат најдобри во се`, може да им донесе само депресија и агресија која ја гледам многу меѓу младите. Им купувате најскапа облека, најздрава храна, кола за 18-ти роденден, филери во устата и јапонски веѓи за полнолетство, но не им давате духовна храна. И ќе пораснат во луѓе кои ќе имаат се`, но сепак нешто ќе им недостига, а нема да знаат што. И покрај парите ќе бидат  фрустрирани цел живот, затоа што ќе знаат колку се сурови и глупи. Ќе бидат фрустрирани затоа што ќе имаат пријатели само од интерес и нема да знаат дека тие самите се виновни што не знаат да создадат искрени и силни релации со луѓето. Со вакво воспитување ќе живеат површен живот и баш заради тоа ќе бидат длабоко несреќни.

Гледам многу такви живи мртовци низ градов, кои се задоволуваат со купена љубов и фејк пријателства и кога ќе отидат дома се потажни и попразни од вчера. Од вашите деца не треба да правите привидно задоволни личности, туку треба да правите вистински среќни луѓе. Со купување само најскапи патики и ајфони не ја вршите работата до крај. Патиките и ајфонот се ок, ако поголемоит акцент го ставите врз создавање на емпатична и сочувствителна личност. Децата се ваше огледало и одразот во тоа огледало треба да биде паметна, емпатична и духовно изградена личност чие однесување ќе се базира на почит и еднаквост кон сите луѓе, а не само облечена и најадена единка која ги задоволува само анималните нагони за преживување.

Tags

Поврзани содржини

error: Content is protected !!
Close