Friday , December 14 2018
Home / Култура/Сцена / Тато ,,поправа” кецови, детето урла по кафани

Тато ,,поправа” кецови, детето урла по кафани

,,Раскажувачката”

Пишува : // Фросина Ѓорѓиоска

После поминато преубаво сончево пладне во парк, сама со себе, кафе и книга, мислев ќе напишам колумна во манирот на ,,Семе Синапово”, за тоа колку е убав животот и слична позитива која во оваа држава се постигнува со одредено количество на дијазепам во крвта.
Во недостаток на отворени аптеки за време на викенд, решив да се почестам ручек и чаша вино во една од околните кафани во парк, со длабока надеж дека ќе успеам да напишам текст за убава случка.

Веднаш до мојата маса два примерока од машки род кои ја потврдуваат дарвиновата теорија дека сме настанати од мајмуни. Двајца мажјаци со гел на косите и со по еден подмладок со себе. На едниот, златното ланче, обавезно со крст, му беше извадено над дуксерот на кој со големи букви и краснопис му пишуваше: Fuck me- I’m famous.

Кај си познат бе дечко? У Свирипичино? Туку, масите беа толку блиску, што ако сакав да се преместам од мојата на нивната маса, требаше само да останам таму каде што сум. Тоа значи дека во недостаток на музика, го слушав секој муабет, сакала-не сакала.
Теоријата дека децата се огледало на нивните родители, овие два примерока ја докажаа и научно.
-А, бе, наставничката му пишала кец по математика на поголемиот, па бев вчера да се расправам, затоа не ти се јавив ко ми ѕвонеше. Таа смрдла ќе му пишува единица на син ми. Шо ако не знае? И` се заканив и да видиш како одма ја поправи во двојка – , му вика едниов дибек на другиов додека задоволно надига од пивото, проследено со неартикулиран звук т.е. со ждригање.
-Арно си напраил. Мојов лани го пратија на разговор кај педагогот, дека удрил негова соученичка. Ко му појдов на педагогот, ко му се развикав, тој ќе го потценува моето дете и ќе вика дека му треба стручна помош. Што ако се степал?

Во меѓувреме, додека овие двајца водат ,,интелектуални” разговори и разменуваат животни искуства, децава дивеат, бркајќи се и трчајќи од една маса на друга низ ресторанов. Не помогна ни опомената од персоналот. Беа негде на околу 7- 8 годишна возраст. Сите гости, нервозно ги гледаа, бидејќи никој не дошол во ресторанот за да биде тероризиран од разгалени и невоспитани деца. Правото на уживање во тој момент го имаа само нивните деца, додека на сите останати, токму заради нив, тоа право им беше скратено. Ги кинеа шеќерчињата за кафе и ги истураа, врескаа со октави на кои и Павароти би позавидел, се тегнеа за јакните и едно сто пати удираа по моето столче бидејќи беше тесно и не можеа убаво да поминат од таа страна.
Во вакви случаи, добивам инспирација да ставам спирала и да не ја вадам до менопауза. Таман мислев ќе се воздржам да не им се изнаебам матер на родителите, кога едново дете трчајќи ми ја бутна чашата со вино.
-Ај, приберете си ги децава, затоа што изговорот дека се деца и дека заради тоа им е се` дозволено, не ви проаѓа.
-Ај, ти прибери се малце и не биди дрска, да не ти покажам јас што ми е мене дозволено. Шо сакаат, тоа ќе праат децата – , ми вели Буцо Крмаковски, кој не заборави уште еднаш да се иждрига.
Ја прекинав дискусијата, бидејќи крмаците беа настроени и за тепање, само за нивните младенчиња да уживаат.

Тоа се оние ликови на кои е глупо да им подариш книга, бидејќи веќе имаат една единствена. Се заканувале на учителката за напишан кец, место да го седнат детето и да го прашаат каде е проблемот и зошто не е мотивирано за учење? Ми се заканија мене, бидејќи ги опоменав дека нивните деца ја тероризираат околината. Дали мислите дека со овој начин на однесување правите добро за вашите деца? Дали сметате дека ќе создадете психички здрави генерации, ако ги научите дека се` им е дозволено? Не. Така создавате само несовесни граѓани, кои нема да имаат чувство за заедништво и толеранција.

error: Content is protected !!