Friday , December 14 2018
Home / Македонија / ФДМ : Бегството на Груевски укажува на неспособна Влада

ФДМ : Бегството на Груевски укажува на неспособна Влада

Форумот за демократска Македонија (ФДМ), организација на иселеници од Република Македонија, повторно изразува сериозна загриженост за продолженото нефункционирање на правната држава.

,,Владеењето на правото е една од фундаменталните европски вредности што ги обединуваат земјите членки. Преговорите за влез на Република Македонија во Унијата се условени од успешното спроведување на итните реформски приоритети, меѓу кои на прво место се судските реформи и проактивни истраги, обвиненија и конечни пресуди во случаите на корупција и организиран криминал, вклучително на високи политички функционери и реформата на разузнавачките и безбедносните служби.”, се вели во соопштението.

ФДМ, кој никна од граѓанските движења меѓу иселениците за суштествени демократски промени во Република Македонија, цени дека ветените системски решенија не се исполнуваат, со што се забавуваат и европските аспирации на земјата.

Бегството на поранешниот премиер Никола Груевски е уште еден во низата настани кои укажуваат на неспособноста на владата и нејзините институции за справување со тековните предизвици. ,,Префрлањето на вината од еден на друг и непреземањето одговорност само ја зацврстуваат перцепцијата за недостиг на морално ткиво во редовите на владата. Држава, впрочем, не се гради со пароли и слогани, туку со вредности што се живеат и демонстрираат низ секојдневните постапки .”, заклучуваат од ФДМ. 

Многуте крупни и отворени прашања за овој и другите случаи налагаат неопходност од независна експертска истрага. ФДМ бара од владата на Република Македонија да ги преземе сите можни законски мерки за екстрадиција на Груевски и да ја исполни својата политичка и морална обврска да го расветли бегството и да ја утврди и обелодени одговорноста на сите кои биле инструмент во него. Се’ друго ќе ја зголеми недовербата на граѓаните во институциите и капацитетот на оваа влада да ја води земјата кон декларираните цели.

линк до ФДМ  : https://www.facebook.com/forumzdm/

error: Content is protected !!