Friday , December 14 2018
Home / Култура/Сцена / СКАНДАЛ : Разрешена Бранка Костиќ од УО на Филхармонија, се бунела против сомнителни вработувања

СКАНДАЛ : Разрешена Бранка Костиќ од УО на Филхармонија, се бунела против сомнителни вработувања

М-р Бранка Костиќ Марковиќ, екс претседател на УО на Македонска Филхармонија

Министерот Асаф Адеми без никакво образложение ја разрешил м-р Бранка Костиќ Марковиќ од позицијата Претседател на Управниот одбор на Македонската филхармонија.
Како што пишува во документите, Костиќ Марковиќ е разрешена единствено на барање на директорот на Македонска филхармонија, Виктор Илиески.

Асаф Адеми, министер за култура

Одлуката е повеќе од скандалозна, бидејќи Костиќ Марковиќ е магистер по музички науки, признат експерт во својата фела.
Нејзиното именување пред една година беше една од малкуте позитивни вести, која наиде на одобрување во јавноста и во музичкиот свет.

По повод одлуката на министерот, се огласи и разрешената Претседателка на Управниот одбор на Македонската филхармонија.
Тврди дека согласно Деловникот за работа на Управниот одбор и актуелниот Закон за култура, не може да биде разрешена на овој начин, напротив само доколку работи спротивно на законот или доколку не функционира самата установа. А, тоа не е случај.
Го обвинува директорот за своеволна систематизација, незаконско проширување на бината без безбедносни сертификати и друга документација, како и за набрзина распишани конкурси за вработувања во Филхармонија.
– Изненадена сум од леснотијата на донесување на одлуки без покритие, не заради одзементата функција, туку заради газењето на шансата работите во културата во земјава да тргнат во европски правец. Со ваквите потези, се затвора можноста новиот репрезентативен објект на  Македонската филхармонија (кој, да бидеме искрени не е успех на сегашниот директор Илиески) да стане вистински храм на уметноста со создавање на услови за вистински растеж на угледниот оркестар во уште подобар ансамбл од светски формат и квалитет. Но, во атмосфера кога клиентелизмот, притисоците и заканите, самоволието и разработениот систем на врски и познанства, ја има предноста пред професионализмот, совесното работење и прадата, не може ништо друго да се очекува освен разрешување на оној којшто не се вклопува во девастираниот систем – , вели Костиќ Марковиќ во обраќањето до јавноста.

Укажува дека е разрешена поради проблем во односите меѓу Управниот одбор и директорот заради непочитување на законот и игнорирање на ингеренциите на телото УО, но од страна на директорот. Биле известени во неколку наврати Министерството за култура и самиот министер Асаф Адеми. На вториот заеднички состанок со директорот на Македонската филхармонија, Илиески, а на барање на министерот, јасно му било укажано дека во иднина не смее да ги прекршува процедурите регулирани со Деловникот и Законот и ќе мора да ги почитува мислењата и барањата на претседателот и членовите на Управниот одбор, во домените кои се во негова надлежност.
Но, наместо да ги усвои советите на министерот, да ги доставува бараните материјали до ова тело и да ги уважува забелешките на претседателот и членовите за новата систематизација и документот да биде доведен во форма за гласање, тој, потенцира Костиќ Марковиќ, почнува да врши притисоци врз претседателот на Управниот одбор за брзо изгласување на систематизацијата, без опис и попис на работните задачи на некои систематизирани места, отсуство на еднакви правила за вработување во оркестарот, односно немање на исти услови за полагање на аудиции во сите групи инструменти, итн.  

-Проблемите започнаа да ескалираат откако јас како претседател и некои од членовите на Управниот одбор почнавме да го афирмираме нашето несогласување со огромните промени (притоа внесени со видни недостатоци) во новиот документ на систематизацијата. Во кус временски период, директорот Илиески, на УО му испраќаше на разгледување дури четири изменети верзии на новата систематизација, без известување за превземените акции „на своја рака“ во поглед на отстапувањата од претходно донесениот список (заеднички на Управниот одбор и директорот) за нови вработувања во Македонската филхармонија, со акцент ставен врз реалните потреби на основната дејност на институцијата – приоритетните вработувања во оркестарот и во техничкиот дел којшто го наложи преселбата во новиот објект – , објаснува Костиќ Марковиќ.

Таа тврди дека освен што била изложена на силни притисоци од директорот за брзо безпоговорно гласање на документи креирани согласно негови желби, трпела и лични навреди, како и валкање на угледот со ширење на дезинформации. 

error: Content is protected !!