Friday , December 14 2018
Home / Македонија / СДСМ ЌЕ СИ ПАЃА: Како изгледаат трите 60-катници и фонтаната со споменик

СДСМ ЌЕ СИ ПАЃА: Како изгледаат трите 60-катници и фонтаната со споменик

На паркингот спроти ,,Холидеј ин” предвидена е да се гради само една од трите 60-катници во строгиот центар на градот (види фото, парцела 1.1). И тоа на парцела од вкупно 13.654 метри квадратни за која се потребни 2.500 места за паркирање, само за овој еден објект. Низ парцелата, апсурдно, предвидена и трасата за трамвај. Оној, кој, Скопје никогаш не го доби, но сите го ветија, вклучително и актуелниот градоначалник, Петре Шилегов.


Само оваа парцела во моментов е предмет на опсервација во јавноста, откако една третина од неа беше откупена од приватни сопственици, а останатите две третини (9.048 метри квадратни) Министерство за транспорт и врски ги продаде за 312 евра по метар квадратен и тоа преку договор склучен во четири очи. 

 

Останатите две 60-катници се планирани во блиската околина (види фото, парцели 1.2 и 1.3). Со површини од 14.245 и 8.378 метри квадратни. Но, не е познато во оваа фаза чие е тоа земјиште, дали има државно и дали Владата ќе го отуѓува и тоа на ист начин-со оформување на една третина парцела и продажба во четири очи.
Меѓу трите облакодари, зацртана е фонтана со споменик. 


Планот ,,Голем ринг-Исток” беше усвоен во 2012 година во времето на Владимир Тодоровиќ и уште е важечки. Според него, висината може да варира-дозволени се петкатници, 20-катни објекти или 60-катни.
Овој план беше жестоко напаѓан од тогашната опозициска СДСМ, која денеска е на власт на сите нивоа-и на државно и на локално. И целосно ја продолжуваат прикаската на ВМРО-ДПМНЕ со градежна експанзија, бетонирање на загадениот град, прв во Европа, и глувоста за граѓански потреби. 

Новата локална власт на СДСМ, на чело со градоначалникот Саша Богдановиќ, иако вети ревизија на плановите, измена на спорни маркички, повеќе зеленило, досега ништо од тоа нема направено.
Облакодерите и новиот станбено-деловен комплекс не само што се реалност, туку прашање на денови се кога Богдановиќ ќе издаде градежна дозвола за ова бетонско чудовиште идентично како и неговиот колега, Златко Марин, градоначалникот на Аеродром.

Договорот за купопродажба на 9.048 квадрати државно земјиште е склучен на 25 минатиот месец помеѓу Министерството за транспорт и врски и фирмите ДТПУ “М.Г. Фешн” ДОО увоз-извоз Скопје и ТДГ “ОБНОВИТЕЛИ” ДОО Скопје“. 
Во рамки на парцелата, дел од земјиштето е на Македонската православна црква, за кој таа ќе добие станови.

error: Content is protected !!