Friday , December 14 2018
Home / Македонија / ВМРО-ДПМНЕ ЗАПОЧНА СО ПРОТЕСТИ: Ветуваа живот, донесоа пекол

ВМРО-ДПМНЕ ЗАПОЧНА СО ПРОТЕСТИ: Ветуваа живот, донесоа пекол

Година и половина ја уништуваат Македонија. Ветуваа живот, а донесоа пекол и темнина кај секој еден граѓанин, рече вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на протестот пред Владата и насобраните симпатизери, кои, извикуваа ,,Уа” и ,,Оставка, оставка”.

Ова е прв протест организиран од оваа партија од формирањето на новата Влада предводена од коалицијата СДСМ-ДУИ. Од денеска, секоја сабота протести ќе има ширум Македонија, а секоја среда пред Влада.

Мицкоски, најави долга и тешка борба до конечен пад на СДСМ и премиерот Зоран Заев.
-Ќе ве поразиме жестоко на следните избори и ќе ви покажеме каде заслужувате да бидете – на буниште. Еве, излеговме и за националното понижување, но излеговме и за сите економски порази затоа што сме понесреќни, затоа што Македонија ни е посиромашна. Ќе се обединиме сите заедно за да ја урнеме оваа неспособна и криминална власт порача тој. 

На следните предвремени или редовни парламентарни избори, убеден е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Го обвини Заев и неговите министри за криминал, за селективна правда кон партиски членови на оваа партија, економски колапс, како и за понижувања и распродажби на националните интереси.

-По овие црнила доаѓа зората која носи надеж за подобро утре за нашите граѓани. Ветуваа Гугл и Фејсбук ќе го донеселе. Шајка не заковаа. Се шетаа по телевизии и не` убедуваа да гледаме низ нивните очила. Нема да ви дозволиме, нема да ве оставиме додека не ви го видиме тилот како ви излага од овде. Не пониживте, ќе ве поразиме. Ќе изгрее зора на слободата – , потенцираше лидерот на опозициската партија.

Го повика министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, да одговори зошто не излегува со одгивори за разни убиства во земјата. Напротив, полесно му е да ги апси вмровски пратеници и да претресува возила кои излегуваат од штабот на ВМРО-ДПМНЕ.

За апсењето на пратениците пред една година и кршењето на нивните права, нешто кое било констатирано од народниот правобранител, беше дециден дека оваа власт еден ден ќе одговара.

Протестите, во Скопје и во други градови низ Македонија, најави дека ќе бидат мирни.
-Нема да бидеме како нив, да кршиме и фрламе, бидејќи ние ова го градевме – , рече Мицкоски.

СДСМ ЈА УКИНА КОМИСИЈАТА ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ ЗА ДА СКЛУЧУВА ДОГОВОРИ ВО ЧЕТИРИ ОЧИ

-Ја повлековте Комисијата за јавни набавки за да склучувате договори во четири очи. По сите понижувања и распродажби на националните интереси, ние нема да ви дозволиме, ќе застанеме сите, без разлика на нација. Ќе ви го покажеме местото во историјата. Вие припаѓате на буниште, тоа ќе ви го покажеме на следните предвремени или редовни парламентарни избори. По овие црнила, доаѓа зората, која носи надеж за подобро утре за нашите граѓани – , посочи   вечерва лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски на првиот протест организиран од ВМРО-ДПМНЕ.

error: Content is protected !!