Friday , December 14 2018
Home / Култура/Сцена / ЖИВЕЈТЕ СЕГА !

ЖИВЕЈТЕ СЕГА !

,,Раскажувачката”

Пишува : // Фросина Ѓорѓиоска

Додека ја пишувам колумнава, за која појма немам како ќе изгледа, бидејќи немам концентрација, мајка ми, единствениот член од семејството кој ми остана, лежи во болница поради повреда на главата и крварење во мозокот. Последно што сакам е да звучам очајно, но некогаш и таков ,,луксуз” човек мора да си дозволи.

Одлучив да пишувам саркастични, критички настроени и остри колумни од секојдневието, затоа што излевањето емоции ,,на хартија” ме остава празна како џебови на коцкар. Ме троши, а јас и онака сум веќе многу потрошена. Празнината некогаш знае да биде многу полна… Полна со фекалии кои животот ти ги нуди, уредно спакувани во кутија од лоши настани и добри намери, украсени со машна која ја викаме надеж.
-Мами, како си денес? Еве ме дојдов, ти донесов се` што ми побара – , и` велам, наведнувајќи се над креветот за да ја изгушкам и да ми се растопи грутката што ја носам во душата.
-Еве мамичка подобра сум, ќе видиме во понеделник што ќе покаже снимката. Ти јадеш ли? Што правиш дома сама? Кучето како е? – , ми вели мајка ми со очи полни сјај и надеж дека се` ќе биде добро. И загрижен поглед, не за себе, туку за мене.
-Супер сум јас мамо. Не се секирај за мене. Одлично сум – , и` велам. А, далеку сум од одлично. Си цртам насмевка на лицево, додека во душава леат дождови.
-Те мислам дека си сама дома. Ама, ко ќе си дојдам дома ќе ви месам од омилените лепчиња, од оние што ги сакате најмногу со Фичо и Мартина. Дека и нив ги сакам како што те сакам тебе – , низ насмевка ми вели.

А, мене солзите ми го матат погледот, но не давам да потечат. Ја стегам душава, а врескам од внатре. Го пцујам животот. Ги грицкам ноктиве и крв пуштив од прстиве, само за да се воздржам од солзи пред неа.
-Мамо, ќе месиш и лепчиња, ќе печеш и риба и ќе правиме пак ѓезме во двор со Фичо и Мартина. Сега се` што треба да мислиш е на твоето опоравување. Во моментов ти си најважна.
-Така е. Да знаеш дека ќе оздравам само за тебе – , ми вели малку уплашена од неизвесноста и суровоста на животот. Мајка.

И во болнички кревет повеќе се грижи за мене, него за себе. Секое завршување на посетата, го завршуваме со грутка во грлото и бисери во очите.

Што сакам да кажам со овој краток дијалог? Родителот, во случајов мајката, дури и во болничка постела повеќе се грижи за своето дете отколку за себе. Тоа е она што ми дава сила за да се изборам и со мојата анксиозност која заради овој шок зема се поголем замав. Мајка, најдобар пријател. Единствената личност во чија прегратка се чувствувате најсигурни. Само родителот може да ве сака и кога сте лути, кога сте тажни, кога го вадите најлошото од себе, тие исто ве сакаат. Сите други си одат. Секоја друга релација е калкулатор. Никој друг нема да ве сака ако не му возвратите. Затоа драги мои, гушкајте ги повеќе своите родители и кажувајте им колку ги сакате. На крајот од денот, важно е само да сме здрави и живи.

На главата наместете круна од добрина, во рацете носете букет од нежности, во очите ѕвезди од љубов и секој ден истурајте ги тие убавини врз душата на вашите најмили. Покажете колку ги сакате, за никогаш подоцна да не се каете.
“Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумине сегашност.” – Горан Стефановски, “Тетовирани души”.
Затоа драги мои, не глумете сегашност. Зграпчете го сегашниот миг, затоа што само него го имате. Единствената реалност што ја имаме се вика – сега. Затоа сега кажете им на вашите најмили колку ги љубите. Мислејќи на минатото и трчајќи по иднината, не ја живееме сегашноста. Најчесто таа не` живее нас.

error: Content is protected !!