Monday , May 20 2019
Home / Култура/Сцена / Пациентка со хеланка металик и гаќа ,,синдикалка”

Пациентка со хеланка металик и гаќа ,,синдикалка”

,,Раскажувачката”

Пишува : // Фросина Ѓорѓиоска

Покрај кафичите, дискотеките, фризерниците и такси возилата, интересни приказни се случуваат и во најголемото пензионерско здружение во земјава – ЈСП.
Всушност, јас би рекла ,,Туристичка агенција- ЈСП” или ,,Психијатриска установа-ЈСП”. Помеѓу многуте ,,пациенти” и јас. Секој со своето лудило и секој со својата приказна.

Покрај мирисот на лук и испотена мишка, друга ,,придобивка” од ваквата ,,авантура” е тоа што ја гледаш разликата помеѓу луѓето. Всушност, постојат ликови кои се нарекуваат луѓе само заради нивната натомија. До мене плава, натапирана пуфла со кременадла под носот или во козметичката религија познато како погрешно и прекумерно аплициран филер. На кременадлата розов кармин во 10 часот сабајле. Хеланка металик боја и гаќа синдикалка. Лила елек од крзно и шпиц нокти со кои може прецизно да прободе комарец у левото маде. Парфем од кој мирисот на лук и мишка ми се виде ко освежувач за простории, па се вртев накај дедото што се имаше најадено лук за да подишам малце.

Со госпожата, која не заборави гласно да потенцира дека и се расипала колата, иначе никогаш не влегува во автобус со нас обичните смртници, а такси на дождот не можела да најде, имаше и едно детенце. Карши нив седеше постара жена со дете со Даунов синдром, не постаро од девет години. Малиов на госпожа Пуфла Кременадловска гледа во тоа дете и љубезно му се насмевнува. Другото детенце возврати со насмевка и му подаде крем банана на малиов на Кременадловска:
-Не, фала, не сака син ми благо. – , вели Пуфла и им ја враќа крем бананата.
-Ама, мамо сакаааам. – , вели малиот.
-Ај, мамичка не се врти натаму накај другото дете, гледаш дека е болно и те плаши. Гледај си низ прозор, пошто вечер ќе сонуваш страшни работи.
-Не ме плаши мамо и си го сакам чоколатцето од баткото.
-Ајде биди мирен сега, не си ти за да комуницираш со вакви деца. Тој треба да си најде другарче болно како него.
-Госпоѓо, единствената болна во автобусов сте вие, а не детето од карши. – и` реков, не можејќи да издржам.
Бев бесна кога ја видов бабата на детето со полни очи солзи како ја врти главата на страна за да не ја примети внукот.
-Јас моето дете нема да го изложувам на стресови без потреба. Жал ми е за тоа дете, ама моето нема потреба да комуницира со такви. За кратко сме во автобусов. А и тебе кој ти даде право да ми се мешеш? – , ми вели Кременадловска.
-Се мешам со истото право со кое ти ова дете го нарекуваш болно и го дискриминираш, а со тоа му правиш штета и на твоето дете, бидејќи погрешно го воспитуваш. Ќе создадеш човек без емпатија, полн со предрасуди и стереотипи. Иако гледам дека малиов ти е срце и уште од сега пружа отпор на твоите ограничени размислувања. Значи паметен е. – , и` подвикнав.

Застана автобусот на Рекорд и јас се симнав.
Чекорам по улица Македонија, си купив печени костени и седнав на една од клупите додека ја чекав другарка ми да дојде. Помеѓу сиот тој метеж од луѓе почувствував оловна тишина и мирис на тага. Само преку еден лик и една постапка ја почувствував сета суровост на светот. Кога станавме толку лоши? Кога ја изгубивме емпатијата? Зошто различните од нас ги нарекуваме болни? Зошто бегаме од различноста, место да и` погледнеме во очи и да ја прифатиме со сета своја убавина и со сиот тој предизвик кој таа го носи? Зошто се бетонираме во сопствените предрасуди и гледаме црно – бело? Зошто дискриминираме? Кој е овде виновен?

Затуцаноста на ова општество се гледа најмногу низ мали и секојдневни примери. Дајте, бе, луѓе научете прво да се сакате себеси, беше  очигледно дека Пуфла Кременадловска не се сака себеси доволно. Тоа што го носиш во себе, тоа го проектираш врз другите луѓе во вид на постапки или зборови, ама тоа е веќе подлабока психологија која не допира до вакви ниско интелигентни створови на кои врвен дострел во животот им е дека се дотераат ко елка за Нова Година у 10 сабајле.

error: Content is protected !!