Sunday , January 20 2019
Home / Култура/Сцена / Директори и пушачи

Директори и пушачи

,,Раскажувачката”

Пишува : // Фросина Ѓорѓиоска

Како се станува миленик на директорот или газдата во просечна македонска фирма, ако немаш налакирани шпиц нокти, минич и деколте? Ако го исклучиме ,,пушењето”, како најдоминантно, и, молчењето и немањето свое ,,јас”, кои се на второ место на оваа листа.
Колку помалце знаеш и колку повеќе молчиш, толку си им посрцка на оние од врвот на хиерархиската вертикала. ,,Ако те дупат”, само ќе се поднаместиш. Ако те потценуваат, само ќе се согласиш со нивното мислење, бидејќи ти не си стаен тука да мислиш. Така пропаѓаат и големи бизниси.

Вистински способните не се послушници. Нема да наведнат глава ако им речеш дека не ги бива и го фаворизираш оној кој молчи, само затоа што тоа му одговара на твоето директорско искомплексирано его. Способните се бунтовници. Способните си ги знаат своите права. Кога на способните ќе им префрлите за тоа што, вие како фирма сте направиле за него, способниот знае да ви плесне у фаца и за тоа што се НЕ сте направиле за него, а му следува. Способниот ги знае на памет своите работнички права и може без страв да ви ги изрецитира. Способниот може и да ве тужи ако сака, бидејќи речиси и да не постои фирма во државава која сто проценти работи законски. Ако на способниот не му дадеш шанса да се докаже, а притоа го обвиниш дека не го бива, нема да молчи. Вистински паметните луѓе не се плашат дека ќе бидат избркани. А, ќе бидат. Овде важат тие правила за жал.

Во држава како нашата, не е никакво чудо тоа што се фаворизира просечноста, се аплаудира на некреативноста, канцелариската работа се смета за врвен дострел во животот, дури и ако платата е 250 евра. Битно била сигурна. Единствено нешто што е сигурно е дека имаш досаден живот. Во оваа држава просечноста е издигната на ниво на божество.
Вистински способните ги препознаваат негде надвор од овие граници, но не и кај нас. Кај нас се трн во око, бидејќи се поспобни и од газдата и директорот заедно, кои едвај имаат завршено средно, со просек 2,2.
А, нивната суета тоа не може да си го дозволи. Како може јас да сум директор, а ти да си поспособен од мене? Сега ќе те уништам и нема да ти дозволам да покажеш колку можеш. Во оваа држава и децата се учат да бидат просечни, да се задоволуваат со просечна уметност, да се палат на позиција, а не на знаење. Се учат да не препознаваат генијалност. Се учат на генијалноста и способноста да гледаат како на елементарна непогода, бидејќи не се среќава често. Главите кои штрчат над просекот, овде многу брзо ги срамнуваат. Зошто да бидеш различен кога можеш да бидеш ист? Се` ќе направат за да ти ја уништат креативноста, бидејќи тие немаат своја сопствена.

Ако имаш ентузијазам и енергија за да покажеш дека те бива, пак нема да ти дозволат, бидејќи не смееш да бидеш бољи од нивните миленици-,,пушачи”. Ако изнесеш решение за некој проблем во фирмата, тогаш ти стануваш проблемот. Ете, затоа нема да не` биде.
Не е проблемот само до лошото уредување на државата. Проблемот е во колективниот ментален склоп. Проблемот е во тоа дека не сакаме да дозволиме да има некој подобар од нас. Проблемот е во колективната искомплексираност. Проблемот е во тоа што се фаворизираат пријателски, роднински, швалерски релации, место да се фаворизира способноста. Ако зетот на директорот е поспособен од мене, ок, нека работи и нека заработува повеќе, но пружете ни и на двајцата еднаква можност за докажување. Не го сечете во корен тој што нема врски и не е ничиј миленик.

Најјаки од сите ми се оние газди кои си ги вработуваат синовите и ќерките и остало ,,множество” до трето колено. Повеќето од нив ниту ги бива, ниту имаат желба да ги биде. Не знаат ни зошто се тука, ни на која позиција работат. Важно им е дека ќе земат плата на први. И ќе ти бидат претпоставени, дури и ако работната позиција им е пониска од твојата. А, ќе ти бидат претпоставени само затоа што се реализирани сперматозоиди на газдата кој бара да вратиш К-15 за да може малиот негов да се курчи на Миконос или Ибица.

Уште појако ми е нивново синче или ќеркиче у фирмава, ко ќе рече дека ,,сите сме луѓе и сите сме еднакви”. Не бе среќо, ние не сме еднакви. Ти си добро наручан, јас сум гладна. Ние не може да сме еднакви. Јас од петни жили се трудам да покажам дека знам да работам, ти од петни жили го шмркаш макијатото, затоа што знаеш дека татко ти нема да те избрка од неговата фирма.

Затоа, пак, во секоја прилика ќе потенцираат дека завршиле на некои од приватниве колеџи у Америка. Нормално, ако имаш уплатница ќе завршиш колку и да не те бива.
И на културно ниво сме многу ,,јаки”. На пример, успех во Македонија се смета ако на концерт на сериозна музика, бројот на публиката се изедначи со бројот на изведувачите на сцената. А, за вистински феномен во културата се смета ако не заѕвони нечиј телефон за време на театарска претстава.
Жално е што децата, во ера на иднивидуализам, сепак се воспитуваат да се дел од толпата. Да молчат пред неправдите, да се поклонуваат на авторитети по позиција, а не по знаење. Децата се учат да бидат свои, ама само таму каде што може да се свои – пред послабите. Во други случаи треба да молчат и да бидат исти – просечни. Се учат да не отскокнуваат од големата слика на просечноста, бидејќи и нивните родители биле просечни, затоа што биле уплашени нешто да променат во своите животи. Биле уплашени да го подигнат гласот кога големите авторитети грешеле.

Зошто сме дојдени до ова дереџе? Не е виновна само лошата политика на политичарите. Виновни сме и ние самите. Кукавичлкот ни е колективен генетски код. Почнувајќи од лично, па се до општествено ниво овој генетски материјал доминира во нашиот ментален склоп. Немањето храброст, но и немањето можност да се издигнеме од просечноста и тешката фрустрација која таа просечност ни ја наметнува, се еден маѓепсан круг од кој тешко се излегува. Кружејќи така низ сопствените лавиринти во ова време – невреме ја губиме дури и сликата за себеси. Лошите успеваат тогаш кога добрите молчат. Далеку сме од здраво општество. Го бушиме дното, затоа што немаме никаков систем на вредности. За жал тоа е што е. Овде важи онаа Тачерова девиза: TINA – there is no alternative. (нема друга алтернатива)

error: Content is protected !!