Sunday , March 24 2019
Home / Култура/Сцена / Опинок оглас : Бараме млади, мотивирани и способни, за 16.000 денари

Опинок оглас : Бараме млади, мотивирани и способни, за 16.000 денари

,,Раскажувачката”

Пишува : // Фросина Ѓорѓиоска

Кога нема што да праам, а имам вишок слободно време одам на интервјуа за работа. Најдобар начин за исфрлање на негативната енергија е да реметиш скржав работодавец, кој, мисли дека е Господ затоа што те вработил или би те вработил. Има чувство дека те части кога ти дава плата и ти треба да му ги бацуваш кривите нозете у знак захвалности. Не, бе, другар, тоа што ти си ме вработил треба да е взаемна услуга, но со оглед на платата што ја земам, изгледа јас сум таа што тебе ти прави услуга. Ама овците постојат за да се стрижат.

Одам кај еден батка на интервју. Поише личеше на руски мафијаш него на сопственик на фирма.
-600 денари е дневница. – , првата реченица што му излета од уста беше тоа. Видливо горд на својата ,,широкоградост” , ме гледаше со очи полни со надеж дека ќе кажам ДА. Огласи од таа фирма има постојано. Тоа е доволен показател дека никој не му работи за толку пари.
-Ова на сликава ќерка ви е?
-Да.
-Според огласите што секој ден ги објавуваш, гледам дека тешко наоѓаш персонал. Имам предлог.
-Да, така е. Нема работници … А каков предлог?
-Ова на сликава син ви е?
-Да.
-Епа зошто него не му давате 600 денари дневно за да ја врши работата која треба јас да ја вршам? За 600 денари пријателе не ми се исплати што станав од кревет и што дојдов.
-Тој е син на газда, а ти не си.
Се воздржав и не го навредив, иако заслужуваше.

Интервју број 2:
-Мажена сте?
-Не.
-А, планирате брак и деца?
-А, ти планираш жив да останеш ако ме прашаш уште едно прашање кое не смее да биде поставено?

Интервју број 3:
-Нас ни треба високо мотивиран, лојален и одговорен работник кој ќе се посвети на работата, ќе биде постојано достапен на телефон и надвор од работното време, во случај да треба да дојде и за викенд.
-А, колку ја плаќате таа посветеност?

-Гледам дека сте дојдени за расправање госпоѓице. – , ми вели Опинок Покондуренко.
-Не сум дојдена за расправање. Вие кажавте што барате од работникот. Сега јас ќе кажам што барам од вас: барам плата од најмалце 25.000 денари, пријавена на исто толку, летен и зимски одмор колку што на секој работник му следува и дупла дневница ако треба да дојдам за викенд. Не смееш да ме избркаш ако сум трудна и мобинг препознавам дури и во најскриен облик. Исполни ги овие основни работнички права и ќе видиш дека можам да бидам мотивирана.
-Овде платата е фиксна 16.000 девојче.
-Мотивацијата е психолошка состојба која се развива по пат на заслуга и награда. Во општество како нашево, тоа е невозможно. И 16.000 денари се демотивирачки.

Интервју број 4:
-Ова е сериозна фирма, која бара способни, млади луѓе со искуство, ама тешко се наоѓаат млади со искуство. – , ми вели друг Опинок Покондуренко.
-А, баш се прашував зошто не може да се најдат млади со искуство. Што мислите вие, каде е проблемот?
-Не знам. – , ми вели.
-Прво тој млад човек за да има искуство треба негде да го стекне. А, како ќе го стекне ако вие како и сите други барате само со искуство. Плус, ограничувањето на возраста како што се пишале во огласот е дискриминирачки.
-Ти девојче да си учеше за филозоф поарно ќе ти беше. Мене ми треба работник, а не некој да ми кажува што да правам.
После истекот на огласот, повторно беше објавен истиот.

Ах, бре, работодавачи и такозвани газди. За еден бизнис да биде успешен, треба да имате среќни и мотивирани вработени. Со враќање на К – 15, со пријавување на скратено работно време, со минимална плата колку за струја, вода, леб и паштета не се мотивира човек. Додека вие си пловите со јахта, вашите вработени се мислат дали да купат пилешка или говедска паштета и дали месниот нарезак да го чуваат за гости. А, јахта и коли имате заради тоа што сте се збогатиле со експлоатација на работната сила и затоа што народов наш е научен да молчи, бидејќи негде имало и полошо. Ама негде има и подобро. Додека децата им се луксузираат на Ибица и Миконос, детето на мојата пријателка која работи кај еден, оди со мокри чорапи у школо, бидејќи чизмите му се скинати и му пропуштаат.
Можат да бидат богати и убаво да живеат и со тоа што ќе им понудат достоинствена плата на вработените. Можеби немаше да имаат три коли, една куќа, два стана и милиони у банка. Ќе имаа нешто помалце од тоа, но пак ќе беа богати и успешни. Ама лакомоста не познава граници. Јас немам ништо против тоа човек да е богат, се додека богатството не се темели врз осиромашувањето на работниците.

error: Content is protected !!