Monday , May 20 2019
Home / Македонија / ФОРУМ ЗА ДЕМОКРАТСКА МАКЕДОНИЈА : Амнестијата ја загрозува правната држава

ФОРУМ ЗА ДЕМОКРАТСКА МАКЕДОНИЈА : Амнестијата ја загрозува правната држава

Форумот за демократска Македонија (ФДМ), во кој се обединети претставници од македонската дијаспора, го оценува Законот за амнестија, донесен од страна на Собранието на Република Македонија не како акт на национално помирување, туку амнестија во замена за поддршка за уставните промени.

,,ФДМ се согласува дека е неопходно надминување на длабоките партиски и политички поделби во македонското општество, но цени дека Законот за амнестија не е соодветно решение во таа насока од неколку причини. Законот се донесе по скратена законодавна постапка и тоа за време на веќе отпочната и за многу обвинети лица речиси завршена, судска постапка, со формирани но се’ уште недокажани обвинителни акти. ” , велат од ФДМ. 

Укажуваат дека уредувањето на поединечните постапки за амнестија преку поднесување барање од самите обвинети, мислење на јавниот обвинител и решение на судот ги става и обвинетите, и обвинителот и судот во тешка и правно нелогична позиција.

Сметаат дека станува збор за селективна амнестија.

,,Ослободувањето од одговорност на само една категорија учесници во настаните од 27. април, воведува правна нееднаквост (на пример, според Законот, лицата кои неовластено носеле оружје или распрскувачки материјали се подложни на кривична одговорност, додека пак лицата кои им помагале на организаторите на потешко кривично дело се амнестирани), што ги потенцира негативните последици од политичка интервенција во материја од надлежност на стручни казнено-правни органи. “, се вели во соопштението до јавноста. 

ФДМ смета дека помирување е возможно преку целосно утврдување на фактичката состојба, улогите и вмешаноста на разни чинители во настаните од 27. април, признавањето на вина и широк, отворен, јавен дијалог.

Решенија како Законот за амнестија, го загрозуваат владеењето на правото и правната држава, особено преку искористување на правен институт за да се влијае врз работата на судството за политички цели.

 

error: Content is protected !!