Sunday , March 24 2019
Home / Култура/Сцена / СРЕЌНА 2019 : Дворот ми свети ко златен ланец на груда на сељак

СРЕЌНА 2019 : Дворот ми свети ко златен ланец на груда на сељак

,,Раскажувачката”

Пишува : // Фросина Ѓорѓиоска

Крајот на Декември е период кога на секој од нас му се поставува прашањето:
-Што планираш за Нова Година?
А, што може да планирам за Нова Година во држава која нуди плата висока колку сметката за струја, рачунајќи дека сијаличките на елката ти светат и на скапа тарифа?
Еве јас, откако постигнав светска анонимност како пишувач, на мојата публика ќе и` откријам дел од моите планови. За Нова Година планирам да си ги исечам ноктите на нозеве, откако претходно ќе ги почувам во вангла со топла вода. Со оглед дека последниве три недели, покрај редовната работа, фаќав и тезги за да појачам финансии, сечењето ножни нокти го сметам за луксуз, бидејќи тоа може да си го дозволат само оние кои одат по 8 часа на работа. За останатите тезгаџии ко мене кои работат по 12 – 14 часа, овој хигиенски ритуал спаѓа во категорија на аристократска вештина, а може и научна фантастика. Ќе ставам и црвен лак на ноктите, за попуштениве вени да паднат у втор план.
Покрај сечењето нокти, планирам да го избришам екранот од лаптопот, за да можам добро да го читам преводот од филмовите кои ги симнав и да не мислам дека трошките од смоки се уствари бубуљици на глумците. Ок, ќе ставам и наочари и во таа еуфорична ноќ ќе глумам интелектуалка, бидејќи и онака во нашава држава тоа е единствен предуслов за да го добиеш епитетот интелектуалец или експерт и на таквата ,,титула” ќе ти аплаудираат само оние ликови кои поседуваат енциклопедиско незнаење (значи поише од 60% од тие што останаа во државава).

Кога ќе ја сумирам оваа година, можам да речам дека за мене беше успешна. Немам кредит, ги платив сметките и ми останаа пари не само за да ја накитам елката и од задната страна, туку ја накитив и таа елка во дворот. ,,Еднаш се живее” си реков и појачав на лампиони и сијалички. Нека свети, нека трешти у двор, нека се гледа кешот. Дворот ми свети ко златен ланец на груда на сељак. Ок, фасадата што се рони ќе ја реновирам догодина, под услов да не одам на одмор и цела година да јадам само леб и паштета.

Забрзана така пред некој ден, поминувам по плоштад и одам у банка да плаќам сметки. Платив. Ми останаа вкупно девет денари. Со кешот што го имав си купив една банана, пошо немав ништо јадено и си тргнав накај дома. Тоа значеше дека ќе морам да си одам дома пешки, а пешачење 3 километри со потфатен нерв на кичма е многу ,,забавно”. За да биде ситуацијата уште потрагикомична, ме застанува една независна новинарка со камерман и ме прашува:
-Дали ве фаќа новогодишна еуфорија? Почнав да се смеам, ама у себе и на самата себе.
Но, мртва озбилна:
-Да… (драмска тишина)… Ме фаќа еуфорија, бидејќи у овие моменти сум среќна што не сум прасе.

Новинаркава и камерманот се погледнаа со прашалници, бидејќи не ни разбраа што кажав. Ама затоа тој што работи на монтажа разбрал и ја исекол мојата изјава (или може е веган). И со право. Од народ кој се пали на ,,семе синапово”, тешко дека можеш да очекуваш да сфати саркастична изјава која со неколку зборови ја опишува целата ,,еуфорија” околу Нова Година и тоа на колективно, не само на лично ниво.

А, сега ако се обидам да бидам озбилна (што искрено не ми личи, пошо и коа сум озбилна мислат дека се заебавам), а да не звучам патетично, оваа година ме научи на неколку работи:
-Ако љубовта е вистинска, ќе опстане и на далечина. Ако не е, нема да успее и ако секој ден сте заедно.
-Годинава конечно сфатив дека ниско интелигентни, некреативни, функционално неписмени, нелојални и конзервативни луѓе не може да ми привлечат внимание ни како избор за партнер, ни како избор за пријатели. Така ја решив и мистеријата зошто сите овие години тешко сум наоѓала соодветен партнер. Изгледа ове нормални човечки особини кај нас се реткост. Кај нас кешот, фејк понашањето и глупоќата доминираат. А, јас не сум за такви приказни.
-Годинава, откако здравјето на мајка ми беше сериозно нарушено, сфатив дека треба повеќе да посветуваме време на родителите. Седењето сам/а во твојата соба со телефонот во рака може само да направат да зажалиш што не си поминал повеќе време со луѓето кои од тебе направиле човек.
Ако ја читаш колумнава, престани со читање сега, стани и гушни си ги родителите или ако не живеат со тебе, јави им се, бидејќи најверојатно тие те бараат поише него ти нив.
-Годинава сфатив дека постојат луѓе од кои е потребно малку да се дистанцираш. Не дека тие се лоши или ти. Туку дека понекогаш некои карактери се толку интензивни, што знаат со муабет да те исцрпат до максимум. Не е тоа себичност. Тоа е само нормална грижа за себе.
-Оваа година сфатив на кој му е навистина грижа за нашето пријателство, а кој е тука само кога мене ми е добро, а него лошо, па му треба поддршка. Годинава сфатив дека пријателството се цени по делата, а не по зборовите. Зборовите може да се лицемерни. Изјавите и пораките од типот: ако нешто ти треба, кажи, и испарувањето со месеци без да се јавиш, а знаеш низ што проаѓам, може само да ми укажат дека си себичен/на и дека не ми требаш таков/ва. Не ми требаш само за родендени и свадби.
-Оваа година ја стеснив листата на приоритети во животов токму заради претходната точка. А, листата се состои само од неколку имиња: Мајка ми, Бела, Филип, Мартина и Ивица. Дечко ми ќе треба да се избори за место на листава.
-Јоци, која ја запознав лани кај Јохан у ,,Сокаче”. Ако не постоеше ќе требаше да ја измислиме, бидејќи на ова општество му фалат вакви женишта. Не жена, женче никако, туку жениште. Не го пишувам ова затоа што ми отстапи простор на нејзиниот сајт, туку затоа што е ферчина до даска, затоа што е другар кој знае да те извлече од дома кога си депре и со мрсна коса и да те седне у кафана за да ти ,,мавне неколку шамарчиња” кои се викаат реалност. И ко ќе прочитам негде по коментари дека Јоци е ,,тежок” карактер се смеам, затоа што Јоци е  ,,тешка” само за лесните умови.
Се плашам дека овој дел кај што ја фалам ќе ми го исече. 😉
Ајде другари, Среќна Нова на сите, круните на глава (метафорички, немојте навистина) и се читаме догодина со теми од дното на општеството, за кои никој не сака да зборува.

П.С : Поради новогодишните празници, но и проблем со кичмата, Владата, со декрет, реши да ја прати Фроска на бања. Следната колумна ќе излезе на 12 јануари, 2019 година. 

error: Content is protected !!