Sunday , July 21 2019
Home / Култура/Сцена / Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, доби тужба за мобинг и ја отпушти ревизорката

Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, доби тужба за мобинг и ја отпушти ревизорката

Продолжуваат обвинувањата на сметка на ректорот на Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј”, Никола Јанкуловски, од внатрешниот ревизор на институцијата,  м-р Лилјана Попчева- за незаконско работење по извршена ревизија, но и за мобинг. Ревизорскиот извештај не му се допаднал на ректорот и тој си нарачал нов, од независна куќа, затоа што смета дека Попчева го обвинува неосновано.

По поднесената тужба за мобинг, Попчева, доби отказ и по Нова Година, таа повеќе нема работа.  Битката, за враќање на работното место и за докажување на незаконскиот отказ, ја продолжува по судски пат.

Ректорот Јанкуловски, иако му беа испратени прашања уште пред една недела, не одговори на нив. Во прашањата се бараа одговори дали ова е лична негова пресметка со Попчева и дали е согласно закон неговото однесување, да остава без работа стручно лице, кое, не се согласува со неговото работење. 

Попчева, по одржаната седница на Сенатот на УКИМ, се огласи во јавност. Писмото го пренесуваме интегрално. 

,,На седницата на Универзитетскиот сенат што се одржа на 25.12.2018 година повторно дојде до израз вештината на ректорот проф. д-р Никола Јанкуловски за дефокусирање на сенаторите од суштината на проблемот и нивно вовлекување во правни лавиринти околу тоа дали се надлежни да разгледуваат приговор и дискусии околу фактот што веќе имам поведено судска постапка. Од исходот на Седницата и прогласувањето на Сенатот за ненадлежен произлегува дека правилно сум постапила. Суштинските прашања од кои дел беа поставени и на кои ректорот требаше да одговори се :

  • Зошто согласно правната поука ректорот не го свика Сенатот во законскиот рок од 8 дена по поднесување на приговорот, односно до 12-ти декември и ми го оневозможи остварувањето на правото на приговор? Ректорот не беше обврзан да ми го издаде отказот неколку часа пред да отпатува во Кина на 10 дневно патување од кое се врати на 7-ми декември и имаше доволно време да  свика седница во рокот;
  • Зошто ректорот ме извести да присуствувам на седницата и да го образложам приговорот дури на 24-ти декември, еден ден пред седницата, а известувањето за поднесената тужба му го променила ставот, како што изјави?
  • Очекуваше ли ректорот да се откажам од правото на судска заштита кое ми истекуваше наредниот ден, а не на 28-ми декември, како што изјави, иако не знаев дали воопшто ќе се разгледува приговорот на редовна седница, ниту на кој датум ќе биде закажана?
  • Зошто во правната поука ме упати да поднесам приговор до органот со кој тој претседава итоа  незаконски?
  • Зошто за оваа точка објективно не го препушти претседавањето со седницата на најстариот сенатор?
  • Зошто ректорот спротивно на деловникот не им го овозможи правото на дискусија на сите сенатори, наместо што ги форсираше дискусиите на одредени сенатори?
  • Зошто ме упати на орган во кој 10 сенатори од редот на студентите се со истечен мандат уште во времето на важност на стариот Статут и зошто им дозволува на сенаторите од придружните членки-ЈНУ да учествуваат во одлучувањето по сите прашања, спротивно на Статутот?
  • Зошто ректорот спротивно на Статутот и деловникот за работа им го одзеде правото на дискусија на проректорите, врз основа на негова лична одлука?
  • Зошто ректорот објективно не се иззема од гласањето?
  • Зошто наместо по поставенета точка- Одлучување по приговор, ректорот го постави на гласање прашањето дали Сенатот е надлежен да одлучува по приговор?
  • Зошто тогаш ректорот ме упати да поднесам приговор на ненадлежен орган?

Тоа што по моето излагање побара од мене да ја напуштам седницата, дозволете и да грешам, за мене значи дека сепак полагодно ќе му беше во мое отсуство да изнесува информации кои во истиот момент можев да ги демантирам со писмени докази или информации за кои ректорот нема докази. Но, за да демантирате нешто треба да добиете збор, и тоа повторно од ректорот.

Ако ректорот е одговорен за законитоста во работењето, како што изјави, тогаш ќе спроведеше избор на  претседател на Сенат, согласно член 96 од Законот за високото образование и немаше да си зема за право да учествува во гласањето, согласно член  93 став 7 од Законот според кој е член на Сенатот по положба. Како одговорен за законитоста, спротивно на закон ми даде отказ по поднесена тужба за мобинг и ми ги одзема сите законски ингеренции?  И сосема на крајот со која стручност и со кои компетенции ме оцени како нестручна, а ангажираната ревизорска куќа по нарачка како реномирана?

На прашањата на кои ректорот не одговори пред Сенатот сега ќе мора да одговори пред судот на кој ме препушти.

м-р Лилјана Попчева “

error: Content is protected !!