Wednesday , September 18 2019
Home / Култура/Сцена / Не се тревожете чим имате за леб и дијазепам

Не се тревожете чим имате за леб и дијазепам

,,Раскажувачката”

Пишува : // Фросина Ѓорѓиоска

После  двонеделен опоравок од кичмата која не можев никако да ја свиткам, се враќам јако и брзо како Болт на Олимпијада. Да бидам искрена, виткањето кичма никогаш не ми било јака страна. Тоа го знаат не само докторите од физикална, туку и сите оние кои на секој можен начин во текот на моиве 36 години се обидувале, а не им успеало.

Виткање кичма е дисциплина за која не сум талентирана. А, те виткаат сите, со сета сила. Целото општество, целиот систем базиран пред се` на искористување на ефтината работна сила, социјалната неправда, непочитувањето на основните човекови и работнички права и слободи.

Да бидам подиректна. Ми ѕвони другарка ми на 2. јануари. Новата година ја дочекала во кругот на семејството со усменото отказно решение како главна тема за дочекот на ,,најлудата” ноќ. На газдата му текнало дека таа нема веќе да работи само затоа што е бремена. Ни отказен рок, ни соодветно издржано образложение зошто е даден отказот.
-Од утре не доаѓај, бидејќи пред две години кога те вработивме рече дека не планираш да останеш бремена, а сега те гледаме како ти расте стомакот. – , и` рекол крмакот кој во ,,стручната” македонска литература се вика газда, и тоа на другарка ми, која, поради сплет на околности и обезмудени мажјаци ќе биде самохрана мајка. Невработена.

Додека плаче на телефон и ми објаснува, јас пцујам, се дерам, лута сум на оваа држава, ако воопшто може уште така да се нарече. Лута сум на системот, затоа што системот го сочинуваат живи луѓе. Ние сме системот. Сите ние кои живееме овде. И молчиме над ваквите неправди само за нас да ни е добро и само заради она дека може и полошо.

Да, полошо може. Подобро не може. Цели 27 години молчиме и си гледаме само за наше добро, ако може да се нарече така плата од 250 евра. Ќе залижеме нечиј задник и ќе не` вработат за минимална плата и ќе молчиме кога тој гз кој те вработил врши неправди врз други човечки битија кои не знаат и не сакаат да лижат. Девојката не може ни да тужи, затоа што нема пари. А, и да може, кажете ми драги мои, кога еден обичен работник (читај : роб) во оваа држава добил случај против цела институција? Никогаш. Затоа нема да не` биде. Затоа што правдата е само за богатите.

Втор случај:
-Еј Фрос, а бе, ти си цело време активна на социјалниве мрежи, ај прати ми го тој линкот кај што читавме дека можеш да пријавиш ако газдата ти бара К-15 назад.
-Ќе ти го пратам. А зошто ти е?
-Сакам да пријавам дека газдите ни го бараат назад и тој беден К-15 од 2.500 денари. Прво не знам како може да е 2.500 денари, второ не знам како не им е срам и толку мала сума да бараат назад.

-Срц, јас знам таков што пушта 1.000 – ка К – 15 и го бара назад. Ако сакаш пријави ги твоиве, ама безуспешно ќе е. Држава која им дозволува пуштање на К – 15 од 1.000-ка, 2.500, мислиш дека ќе застане на твоја страна? Не ме заебавај.

Ги пријави. И толку. К – 15 го вратија. На газдите пак никој ништо не им може.

За разлика од овде, другарка ми во Германија работи осум часа дневно од понеделник до петок. Платен одмор, зимски и летен, со можност да бираш кога ти сакаш да го користиш, а не кога газдата ќе ти каже. Паричен додаток пред Божиќ. За К-15 не сум информирана, не знам како стојат работите. И среќна е. Напорно е, Германците бараат работа, но среќна е, бидејќи нема секојдневни стресови. Бидејќи кога нешто не е во ред има бесплатна консултација со адвокат кој веднаш ги средува работите. Вели дека во овие три години како е таму, до сега ниту еден Германец ја нема изнервирано, бидејќи сите си стојат на зборот. И и` се оди на работа со ќеиф. Ако задоцни малку на работа, истиот ден останува подоцна колку што задоцнила. Кога менуваше работа пред една година, земаше паричен надоместок месец, два, додека не склучи договор за новата работа.

Драги мои, разликата е очигледна. Драги мои, затоа секој ден пред германска амбасада гледам редици, бидејќи таму живеам. Последниве 7 – 8 години секој работен ден пред Германска амбасада има луѓе како на ниеден штрајк или протест овде во државава. Драги газди, пред да барате принципиелност, пожртвуваност, точност и лојалност како што пишувате во огласите, прво понудете го истото. За што да сум 100% посветена? Не само јас, туку сите ние во ова државиче. За неисплатен К-15? За неплатен одмор? За давање отказ ако сум трудна? За 250 евра плата? Но, не сте вие виновни. Виновни сме ние што не си ја цениме работната сила, што за парче леб газиме по своето достоинство. Виновни сме ние што ја виткаме кичмата пред вашата моќ. Виновни сме затоа што колективната свест е на многу ниско ниво. Виновни сме затоа што лесно може да не изманипулирате. Виновни сме затоа што сме лесно поткупливи. Затоа нема да не` биде. Затоа што ја потценуваме сопствената вредност. Тие кои на време се освестија заминаа. Ние кои сме освестени, а немаме можност да заминеме, ќе го јадеме, заради таквите кои виткате кичма и молчите за 250 евра. Битно за леб и за дијазепам имате.

error: Content is protected !!