Македонија

ФДМ : Градењето култ на личности не носи прогрес


Форумот за Демократска Македонија (ФДМ), натпартиска организација на иселеници од Македонија, реагира по повод случувањата на почетокот на кампањата за претседател на Република Македонија.

Изразуваат загриженост за насоката во која се одвиваат претседателските предизборни активности, во однос на тенденцијата да се градат култови на личности. Таа појава, велат, ја практикуваше претходната власт на Груевски/Ахмети, а граѓаните, кои, произлегоа од движењата „Протестирам“ и „Шарената револуција“ протестираа и се спротиставуваа токму против неа.

,,На некои од последните предизборни настани, кандидатите за претседател се служат со политички пораки наменети за одделни (своите) групи на гласачи, а не со пораки кон сите граѓани, со што кампањите често потсетуваат на кампањи за парламентарни избори, а не на кампањи за избори на претседател на државата. Градењето култ на личности е појава која не носи прогрес и добробит на ниту еден народ и општество. Затоа сметаме дека изборните штабови на сите кандидати треба да развијат механизми и начини како да се справат и на соодветен начин да реагираат, на ваквата негативна појава на која бевме сведоци во поблиската историја на Македонија.”, заклучуваат од ФДМ. 

Меѓудругото, сметаат дека учесниците во изборните активности од сите страни на политиката во Македонија треба да изградат рамка на дискусија во интерес на сите граѓани, во рамките на овластувањата на претседателот и да ги споделат своите идеи и заложби за тоа како најдобро би ја извршувал таа функција.

ФДМ ќе продолжи да се залага за демократско општество, развиена економија, владеење на правото и почитување на човековите права.

Tags

Поврзани содржини

error: Content is protected !!
Close