Wednesday , September 18 2019
Home / Бележник ,,Од небо, па во ребра" / БЕЛЕЖНИК: Петре Шилегов изигра фер и не заслужи удар под појас

БЕЛЕЖНИК: Петре Шилегов изигра фер и не заслужи удар под појас

 

 

 

 

Пишува : // Јорданка Ивановска – Јоци

Во политиката има нешто кое се именува како – политичка коректност и се однесува на негување на добри односи меѓу политички неистомисленици, критичари, луѓе кои не се сложуваат со власта. Во спортот тоа се вика фер плеј – да не освојуваш поени со неочекувани удари под појас кон противникот.

А, вчера, на дочекот, имаше многу валкана политика, а никаков фер плеј. Многу делби, неформално прогласување противници, многу удари под појаси – ем политички, ем етнички.

Пораката која вчера и завчера гласно беше пратена е дека на собирите на трофејниот ,,Вардар” не се добредојдени ,,клети Шиптари”, потоа луѓе кои се симпатизери и гласачи на СДСМ, како и оние кои на референдум гласале ,,ЗА” промена на името на државата поради влез во НАТО. Лошо. 

За Петре Шилегов можам книга да напишам, за неговата мрзеливост околу Скопје и неефикасност околу решавање на секојдневните проблеми.
Но, токму вчера, кога беше исвиркан на плоштадот од дел од насобраните фанови, а игнориран при дочекот на аеродром од ,,вардарци”, за волја на вистината – човекот даде се’ од себе да организира дочек на достоинствено ниво, издвои и донација од градска каса во висина од 100.000 евра како награда за ракометарите кои од газдите не зеле плата девет месеци, плати од градски буџет чартер авион за ракометарите да стасаат баш вчера, а не денеска кога еуфоријата делумно би спласнала, во духот на онаа ,,железото се кове додека е жешко” …
Се` во име на спортот и националната радост.
Тоа му е работа, да изменаџира блескав настан за трофејни спортисти. Од друга страна, политичката коректност и фер плејот налагаа, да биде службено поздравен од бина, да биде викнат на пет секунди и машки да му се стегне рака, без разлика што идеолошки е ,,обоен” поинаку, нешто кое е целосно неважно за еден ваков спортски спектакл.
Човекот е службено градоначалник на Скопје, го сакале тоа многумина или не. И тоа треба секој да го почитува, додека прифаќа Град Скопје да му е покровител.
Кој не сака Шилегов да му прави буџетски дочек, најдобро е сам по дома да си слави, по пижами, со руска и со сокче. Најчесно е така.

Речиси секојдневно ги критикувам и него и премиерот Зоран Заев. Но, она кое никогаш не би го направила е да ги исвиркам на ваков важен настан кој требаше да обедини, а не да раздели уште повеќе, особено не би им рекла да пу*ат кјур, нему и на Заев, како што вчера пееја дел од луѓето.
Токму тоа се случуваше, и остави горчина во сечија душа.

Би го споменала во овој контекст мојот службен однос со градоначалникот Коце Трајановски, кој осум години ја вршеше функцијата прв човек на Скопје. За осум години, службено многу пати се скаравме и се смиривме. Па, и често се сликавме насмеани кога ќе си подадевме рака, дури и откога му организирав протест.

Но, колку и да го критикував, нашиот однос секогаш беше коректен и човечен. Никогаш не ја преминавме ,,црвената линија” со ниски навреди и взаемно непочитување, онака како што тоа се случи вчера кон Шилегов од политички неистомисленици кои ете – не се издигнаа над себеси и не умеат да направат разлика меѓу службеното и приватните емоции, кои, секако се за по дома.

Прво треба да бидеме луѓе, а потоа се` друго.

error: Content is protected !!