Скопска хроника

Граѓанска герила акција : Шилегов, ослободи ги дрвјата од бетон !


,,Кога не разбирате што ви се зборува, ќе мораме да ви нацртаме”, е пораката која граѓанските здруженија кои се борат за здрава животна средина и чист воздух, денеска, преку герила акција му ја испратија на скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, но и на останатите девет градоначалници во метрополата.

Акцијата започна во Градскиот парк во Скопје. Граѓаните симболично доцртувајќи ги забетонираните корења на дрвјата, ставајќи синџири и оставајќи пораки за слобода на зеленилото, ги повикаа надлежните градски и општински власти да го отстранат бетонот со кој се задушени корењата на повеќе од 1.000 дрвја на територијата на Скопје, но и низ останатите градови во државата.

,,Како градоначалник кој раководи со Координативното тело на градоначалниците во градов, првиот човек на Скопје, Петре Шилегов има можност, но и должност, да го постави ослободувањето на сите заробени дрвја како заедничка акција. Шилегов неодамна изјави дека  само 187 од над 1.000 заробени дрвја во Скопје биле под нивна надлежност, но дури и од нив градот во период од шест месеци, ослободил само 20″, посочуваат во соопштението до јавноста.

Додаваат дека ефектот на една крошна од овие возрасни дрвја не се реплицира ниту со 100, ниту пак со 200 новозасадени. Според експертите од Шумарскиот факултет од Скопје, дрвјата мора да бидат ослободени веднаш, без ниту еден ден допонително одолговлекување бидејќи летните жештини и високите температури ќе значат угинување на најмалку 200 до 300 повеќедецениски, во моментов, исклучително загрозени дрвја.

Деканот на Шумарскиот факулет Кирил Сотировски, на неодамнешната конференција #ШансаЗаСкопје, изјави дека Скопје претставува термички, топлотен остров, бидејќи со неконтролираната урбанизација зеленилото е уништено на големи површини, а голем дел од постоечките дрвја не се здрави.

,,Зелените површини според генералниот урбанистички план на Скопје од 2012 година, завземаат вкупно 529 хектари односно 6 отсто од вкупната површина на градот”, се наведува во Студијата за озеленување и пошумување на подрачјето на Град Скопје од 2015 година.

Едно дрво може да претставува живеалиште на голем број птици и инсекти. Колку е крошната поголема, толку е поголем неговиот биодиверзитет. Дел од жителите на крошните се биоконтролори на паразитите кои се штетни и за човекот. Биодиверзитетот во урбаните области ни обезбедува и економски и еколошки придобивки, кои значајно влијаат врз квалитетот на животот на градските жители.

Граѓанските активисти алармираат надлежните да се разбудат, бидејќи градското зеленило го прочистува воздухот и ја апсорбира прашината и штетните гасови за 30 до 40 отсто. Во деловите со интензивно зеленило, загаденоста на воздухот е за два до три пати помала од другите делови на градот. Градските паркови штитат од бучава, силно сонце и ветрови и ја регулираат температурата во населбите.

#НеИгнорирај #Реагирај #o2inicijativa  #ИКС


Tags

Поврзани содржини

error: Content is protected !!
Close