Џирло политика

Случај ,,Тамара” : Ѕвезда се станува со камшик, не со галење

Пишува : // Јорданка Ивановска – Јоци 


Од она што го прочитав деновиве, сите оние јавни личности и други граѓани, кои, земаа прекутрупа да ја бранат Тамара Тодевска (од неа самата), вклучително и премиерот Зоран Заев, и` направија само поголема штета.
Охооо. Да.
Подобро ќе беше да ќутеа. Да ја оставеа самата да се брани.

А, притоа, сите шеги, кои, ги пуштија во етер за ,,надувани” патриоти, како лајтмотив, богами не се смешни.
И секако, и тие одат на нејзина сметка.

Да, навистина се преминаа многу црвени линии во интернет просторот, со навреди и шиканирања околу нејзината изведба на химната на прославата на 4 Јули во Американската амбасада, но интернет морето нема лимит.
И секоја јавна личност, која има намера да биде славна, да биде под рефлекторите, да заработува од тоа, треба да има добар желудник за македонската публика.
Поинаку, слободно, секој нека смени професија.

Тодевска треба да порасне, а ќе порасне само со камшик од јавноста. Истата јавност која знае да наградува за успеси, да плаче, да навива, но и да казнува дрско и жестоко кога некој ќе погреши.
Јавноста/публиката знае да биде многу сурова кога ќе и` забодете нож в срце. Тогаш нештата ескалираат до недоглед. До степен сестрата Тијана, која е исто јавна личност, да се лути на цел свет и да блокира луѓе на социјални мрежи, затоа што сестра и` погрешила. Пополецка, Тијана, покроце !

Ете. Јавно мислење е наука, тоа не е нешто кое се продава на пазар 3 за 100.

Впрочем нашите спортисти и тоа како суровоста ја имаат почувствувано на своја кожа низ годиниве.
Но, јавноста знае и да биде мека како пердув, кога ќе и` донесете успех, ќе и` го кренете адреналинот.
Како и да е, не се живее од стара слава, правило во шоу бизнисот.

Таа погреши и од луѓе кои ме контактираа – навистина жали. И свесна е колку многу погрешила. И нема да и` се повтори никогаш !
Верувам.
Но, она кое е најинтересно, таа научи од критиките, не од луѓето кои ја бранеа. Научи од камшикот.
Уверена сум дека од тој ден таа е друга личност. Позрела и посилна. И ќе ги ,,откачи” сите оние кои наместо да се грижат за нејзиниот јавен имиџ, и го урнисаа. Тој тешко се гради, но лесно се урива.
Уверена сум и дека во иднина ќе донесе уште многу радост на Македонија. Како на годинашнава Евровизија.

Јавноста не е злобна. И таа е емотивна, исто како Тамара, како што самата изјави – ја понеле емоциите, па ги измешала стиховите, и така некако го заборавила делот со Гоце.

Трачот, жолтиот печат и ,,емотивната” јавност не се измислени во Македонија. Напротив, ги измисли Холивуд уште пред еден век.
Оние кои тоа навреме го сфатија и растеа со секоја нова критика, добија ,,ѕвезди” на холивудските булевари.

Другите никој не ги памети. Ги однесе виорот.


Tags

Поврзани содржини

error: Content is protected !!
Close