Македонија

КУНОВСКА ЗА ,,ФАКТОР”: СДСМ ја испушти шансата да ја упристои Македонија

Брзото враќање на ВМРО-ДПМНЕ на политичката сцена е заслуга на Зоран Заев и неговото најтесно опкружување, смета екс пратеничката

Екс пратеничката на СДСМ во Собранието на Македонија и претходно долгогодишен член на Советот на Скопје, актерката Софија Куновска, во своето интервју за порталот ,,ФАКТОР” говори за политичките случувања во земјава, но и за состојбите во својата матична партија.
Пред три години, пред парламентарните избори, таа, даде оставка од функцијата претседател на Градската организација на СДСМ, поради несогласувања околу кандидатските листи, поточно поради Лилјана Поповска од ДОМ како носител на листа.

Потоа се пасивизираше од политичката сцена, но остана гласен критичар на непринципелните политики, коалиции, криминални зделки и се` она против кое се бореше додека беше дел од раководните структури во СДСМ, но и преку истурените политички функции во борбата за уривање на Никола Груевски.

Во интервјуто околу пропуштениот датум за отпочнување на преговори со Европската унија, на прашањето кој е виновен, дали ЕУ или власта, таа вели:
,,Од се` по малку. Коментарите на самите членови на Европарламентот се дека едно неисполнето ветување го руши вкупниот углед на ЕУ како сериозна инстутуција. Иницијативите за повторно разгледување на можноста за проширување упатуваат на заклучокот дека се признава направена грешка.
Власта која вообичаено многу лесно се расфрла со ветувања, на своја кожа почувствува што е неисполнето ветување.
Но, тоа нам не треба да ни ја замати диоптријата кога се анализираме самите како општество. Власта пред се, но еднакво и опозицијата мораа и мораат да го препознаат надпартискиот, наднационалниот и единствен интерес на својата земја и бескомпромисно и фанатично сите да се посветиме на една цел, целосно ресетирање на системот и расчистување со минатото.”

За Зоран Заев вели дека собрал храброст да влезе во некои процеси што ветуваат прогрес, кои други високи политички претставници во Македонија, поумни и поискусни, тоа не го сториле, без разлика дали тоа се должело на страв или поради одговорност.

Обвинува дека рекетите се чувствувале во воздухот, а брзината и одлучноста во справувањето со случајот „Рекет“ најгласно зборува за нивото на вклученост на високи функционери во аферите.

Укажува дека луѓе кои се дел од извршната власт, како членови на СДСМ, но и луѓе кои тоа не се, може да се рангираат како чесни професионалци, кои, си ги работеле посветено задачите.

-Земјата имаше ретка шанса да се упристои по многу основи, но за жал, шансата за СДСМ е пропуштена. Во оваа влада посилен впечаток на чесни професионалци оставија Царовска и Димитров, кои не се дел од СДСМ, отколку кој било нејзин претставник. Со своето чесно, одговорно и пристојно поведение, од редовите на СДСМ, предничеше Тевдовски, а се издвојува и Спасовски – , смета Куновска.

Не ја поштедува по ниеден основ опозицијата.
,,Трагично е што ваква нереформирана ВМРО-ДПМНЕ, само прекриена со полупроѕирен муслински вел, низ кој се гледа заматено криминалната структура, сериозно ја добива шансата за свое брзо враќање на политичката сцена како сериозен конкурент на СДСМ. Тоа е заслуга само и единствено на Зоран Заев и неговото најтесно опкружување. Да сме на чисто. Граѓаните не се тие кои го враќаат ВМРО-ДПМНЕ. Неисполнетите очекувања од сегашната власт се фактор кој ќе пресудува во полза на ДПМНЕ. Тоа мора да биде кристално јасно.”

Како долгогодишна еминентна актерка во Драмскиот театар, која очекуваше културен подем, децидно и строго укажува дека новата власт, која одамна не е нова – нема културни политики, а на некои позиции донесе уште поужасни кадровски решенија од оние што пред нив ставаа галии во Вардар и правеа барок во Скопје.
Куновска не гледа особена надеж дека нешто може да се смени на подобро.

Целото интервју на следниот линк на порталот ,,Фактор”.
,,Функционери блиски со врвот на СДСМ паразитираат на грбот на партијата”

Tags

Поврзани содржини

error: Content is protected !!
Close