Сечено-лепено

РЕТРО: Кој ги посади јапонските цреши на ,,Горки” пред 20 години?

Она кое е актуелно деновиве е сечата на 14 јапонски исушени цреши на улицата Максим Горки во Центар, нешто кое наиде на револт кај граѓанството. Градската власт и градоначалникот Петре Шилегов информираа дека утре ќе засадат нови 18 јапонски цреши. Теренот е веќе подготвен. Нема информации на која возраст се новите дрвја и дали ќе расцутат веќе следната пролет.

Архивски исечоци од ,,ВЕСТ” од 2000-та година

Но, чија идеја беше овој прекрасен дрворед, кој, без сомнеж се вбројуваше во најубавите во Скопје?
Во април 2000-та година започна реконструкцијата на улицата Максим Горки, а претходно нов дрворед со јапонските цреши оформи тогашниот градоначалник на Општина Центар, Мирослав Грчев. ( Мандат: 1996-2000 г.)
Обновата на улицата со гранитни плочи се одолговлечи поради инфраструктурни работи, дојдоа локални избори, па улицата се заврши дури во мандатот на Виолета Аларова.

Можеби ова беше и единственото убаво нешто по кое ќе се памети Грчев – јапонските цреши.
Второ по кое ќе се памети е планот ,,Мал Ринг” од 1997 година. Автор е тој заедно со уште двајца архитекти.

Маркичките што ги гледате на фото планот (црните) се маркичките на Мирослав Грчев, додека беше градоначалник на Општина Центар.

Планот ,,Мал Ринг” на Мирослав Грчев од 1997 година

Тоа се маркички, кои, тој ги вметна и нацрта без никаков меѓународен конкурс, а потоа станаа и реалност: денешните Стар театар, Музеј на револуционерна борба, плоштадот преку Вардар кај Камени мост (Денешен ,,Филип Втори”), зградата на Телеком (До ,,Метропол”), Објектот на стариот Офицерски дом на плоштад ,,Македонија”, хотелот до него на Кондоминас, ,,Мериот”, зградата на МНР, катната до Музејот на Холокаустот и самиот Музеј (кој не е дел од Скопје 2014).
Плус зацрта и мост преку Вардар, денешниот Мост на уметност.
Парцелата за денешен ,,Телеком” ја продаде  во 2003-4, тогашниот министер за транспорт и врски Агрон Буџаку, за 15 евра по метар квадратен.
А, пак, во Владата на СДСМ и Владо Бучковски, некаде 2004 година, тогашниот министер за култура, Благоја Стефановски-Баге, прв изрази желба за изградба и воскреснување на денешната реплика на Стариот театар. Дури нарача и плати проект, а победник беше архитект Јован Стефановски-Жан, по кој имено се изгради и денешниот театар, во време на Никола Груевски, ВМРО-ДПМНЕ.
Архитектот е автор и на Милениумскиот крст.

,,ГОРКИ” СЕ ВИКАШЕ ,,ПРЕСТОЛОНАСЛЕДНИКОВА” И ДАТИРА ОД 1932 ГОДИНА

Формата на самата улица пак е навестена со Регулациониот план на Скопје од 1932 година, во време кога градоначалник на Скопје е Јосиф Михајловиќ, роден во с.Тресонче, Западна Македонија. Во тоа време се викала ,,Престолонаследникова” – радијална улица која го поврзувала плоштадот со првиот кружен булевар.

© Сите права се задржани. Забрането е копирање на содржините за комерцијални цели, преземање на текстови или делови од нив, без дозвола од авторот. Не е дозволено ниту преземање на содржините со хиперлинк до веб страници, без дозвола од авторот. Преземање на содржини на социјални мрежи, за некомерцијална употреба, е дозволено со хиперлинк.

Tags

Поврзани содржини

error: Content is protected !!
Close