Скопска хроника

Дрворедот обновен: Засадени нови 18 јапонски цреши на ,,Максим Горки”

Како што беше најавено, градската власт, денеска засади дрворед од нови 18 висококвалитетни повеќегодишни јапонски цреши. Дрвјата се донација од вработените во локалната канцеларија на Европската банка за обнова и развој во Македонија (ЕБОР). Акцијата следува по сечата викендов на 14 јапонски цреши, со образложение дека се исушиле и не можеле да се спасат.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, изрази благодарност за овој хуман гест и информираше дека интензивно работат на зголемувањето на зелените површини во градот.
Потенцираше дека, есенва, посветиле внимание на обновување на постојните и формирање на нови дрвореди, како оној пред објектот на Пошта, потоа 60 дрвја на улицата Боца Иванова. Се засадуваат и нови садници на плочникот пред ГТЦ, како и ново зеленило покрај и во жардиниерите на скопските булевари.

„Ме радува фактот што дополнително многу општествено одговорни компании покажаа интерес за донации во делот на градското зеленило, што е само уште еден доказ дека сé повеќе се крева свеста за значењето на зелените површини за животната средина во градот“, рече Шилегов.

Освен оваа донација, канцеларијата на ЕБОР, веќе има инвестирано во плановите на Градот за почист јавен превоз и со локалната самоуправа изготвува Акциски план за Зелен град.

Tags

Поврзани содржини

error: Content is protected !!
Close