Министерот за финансии, Драган Тевдовски, како општини без никакви долгови и неисплатени обврски во минатото, ги пофали Ѓорче Петров, Валандово и Дебрца.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, упорно, во своите интервјуа ја уверува јавноста дека наследил институција натрупана со долгови, иако пред само еден месец, Министерството за финансии, јавно обелодени дека единствени општини во цела Македонија, без било какви долгови и неисплатени обврски се само три-Ѓорче Петров, Валандово и Дебрца. И овој податок, лично, на прес конференција, го соопшти министерот за финансии, Драган Тевдовски, објавувајќи ги општините кои се презадолжени, со цел да изврши притисок врз нив за да работат подомаќински и да не таложат нови долгови, напротив да се ослободуваат од старите. Презадолежни општини се Карпош, Охрид, Тетово, Чаир, Струга и други 20.
Во последното интервју, Наумоски, наспроти министерот, тврди дека затекнал многу лоша финансиска состојба и големи долгови. Дури и уверува како тој придонел за консолидирање на општината, објаснува како ги намалил непродуктивните трошоци.

Да, навистина, убаво е се фали човек, само што Тевдовски рече нешто сосема друго.
Не е убаво вака, едно да зборува градоначалник, а сосема друго да тврди министер кој е поупатен во финансиите, нели ? Јавноста може да се збуни, да помисли дека Наумоски затекнал долгови, па сега се мачи.
Може да помислиме и дека министерот не знае што зборува, ако не се одлучат до утре што е точно.
Меѓудругото, Наумоски, за културата во Ѓорче Петров, тврди дека била маргинализирана.
За волја на вистината, Ѓорче Петров, беше можеби една од „покултурните“ локални самоуправи во Скопје, а јас изгледа треба на тоа да го потсетувам Наумоски.
Беа одржани четири премиери на претстави „Женско царство“, „Девојката и тагата“, „Животот на Ѓорче“ и една детска претстава, во која играа Александар Микиќ, Ванчо Петрушевски, Шенка Колозова. Се одржаа и девет настани „Културно лето-Ѓорче Петров“.
Потоа, во Домот на културата, активно работат КУД „Григор Прличев“, како и пензионерска фолклорна група. Изминативе години, беа одржани 61 концерт, на кои настапија 30 друштво од Македонија, но и од Турција, Шпанија, Бугарија, Австрија, Португалија. Минатото лето, допатуваа и гости од Бразил. Со целовечерни концерти, два пати настапи имаа и „Танец“ и „Македонија“.
Децата имаа можност да уживаат во 46 детски претстави. Беа организирани и три литературни читања во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, четири ликовни настани, а беа издадени четири нови изданија за Ѓорче Петров, и тоа за животот и делото на револуционерот, 80 години фудбал во Ѓорче Петров, две монографии, а започна и реализацијата на трајна музејска поставка. Во 2017 година, Општината, одржа македонска вечер со специјалитети, македонска музика и концерт на „Танец“ во Кушадаси, Република Турција.
© Сите права се задржани. Забрането е копирање на содржини за комерцијални цели, преземање на текстови или делови од нив, без дозвола од авторот. Не е дозволено ниту преземање на содржините со хиперлинк до информацијата на веб страницата, без дозвола од авторот. Преземање на содржини на социјални мрежи, за некомерцијална употреба, е дозволено со хиперлинк.