ПОКРИВОТ НА ,,ДРАМСКИ” ЌЕ СЕ КРПИ, ЗА НОВ ТЕАТАР МОЛК

 

Покривот на ,,Драмски театар” ќе се крпи. По ноемвриските обилни дождови и прокиснувањето на покривот на оваа институција , раководството распишало оглас за санација во висина од 3,2 милиони денари или околу 54.000 евра.
Огласот трае до 14 април, по што ќе се избере изведувач. Не е познато до кога би траеле градежните работи, а и со колку кофи ќе се справат надлежните при пролетни дождови.

Повикот за санација, доаѓа по минатогодишниот увид на терен од претставници од Министерството за култура, кои, испратија допис до сите национални установи кои имаа инфраструктурни проблеми и штети, за предлог решенија.

Сепак, со последниот оглас, кој е само привремено решение, продолжува да виси во воздух идејата за трајно решавање на проблемот со старите бараки на Драмскиот театар и условите за работа, поточно изградба на сосема нова зграда, како што планираше минатата Влада. Бидејќи, во оваа установа не е проблем само покривот, напротив вработените работат во супстандардни услови долго време. Своевремено, избрано беше и проектно решение.
Од Министерството за култура, лани во ноември, изјавија дека не се откажуваат од оваа идеја, но сепак во изјавите изостанаа конкретни најави за почеток на изградба на нов театар.
-Владата на Република Македонија и Министерството за култура воопшто не се откажуваат од идејата за изградба на нов објект за овој театар, но ќе инсистираат на подомаќинско и порационално решение, кое нема беспоштедно и непродуктивно да ги троши парите на граѓаните. Драмскиот театар е типична жртва на проектот „Скопје 2014“, преку кој се инвестираше во прескапи и мегаломански објекти и споменици, додека постојните објекти на културните установи се во очајна состојба-, соопштија тогаш од Министерството за култура.

© Сите права се задржани. Забрането е копирање на содржини за комерцијални цели, преземање на текстови или делови од нив, без дозвола од авторот. Не е дозволено ниту преземање на содржините со хиперлинк до информацијата на веб страницата, без дозвола од авторот. Преземање на содржини на социјални мрежи, за некомерцијална употреба, е дозволено со хиперлинк.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!