ПЛУСИНФО: ИНТЕРВЈУ Д-р Владимир Чадиковски: Манипулатори на децата им ја крадат шансата за живот!

Д-р Владимир Чадиковски, Оддел за детска кардиохирургија

Интервенциите на Детската кардиохирургија на Клиниката за детска хирургија во Скопје, каде се третираат деца со вродени срцеви мани, ги прави стручен тим, во кој има домашни и странски лекари со соодветни лиценци и знаење. Сепак, дел од родителите, изманипулирани од колеги од приватни болници, решаваат да не ги оперираат децата, со што директно ги загрозуваат животите на своите најмили. Со оваа категорична изјава, на јавноста ѝ се обраќа детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски, кој го води Одделот за детска кардиохирургија.

Познат кардиохирург во земјава, сопственик на приватен кардиохирушки центар, вели дека од Детската кардиохирургија „живо дете не излегло“. Како ја коментирате таа изјава?

– Кога ми ја пуштија таа изјава на ценетиот колега, не можев да поверувам дека некој може тоа да го каже јавно и за тоа воопшто да не сноси последици од државата. Ова е државен проект, државата инвестира пет години, а сега е институција во која работат 25 колеги. Со таа изјава, тој ги напаѓа директно државата, Министерството за здравство , Фондот за здравство и секој колега кој работи на клиниката. Да се осмели да барате истражување за нашата работа една чисто приватна профитабилна организација, која прави огромен профит – па тоа е невиден преседан! Газдата на таква приватна институција да бара ревизија на јавна непрофитабилна универзитетска клиника, која е јавно достапна и која се занимава со операции на бебиња повеќе од 70 години – па каде го има тоа, ве молам?!

Колегата не ја научил првата лекција која се учи на Медицински факултет, за етиката и за колегијалноста, а сега гледам дека му е и доцна да ја научи. Јавно да напаѓате колеги дека убиваат деца – тоа надвор од секој здрав разум! Би му поставил неколку прашања. Зошто договорот со Фондот за здравство му е да оперира деца над 1 година и над 10 килограми кога 90 од сите срцеви аномалии се под 10 килограми и под 1 година? Зошто дозволил до 2013 гододина, кога почна во земјава проектот за детска кардиохирургија да заминат на лекување во странство 650 деца, ако се занима со детска кардиохирургија?

Какви проблеми создаваат овие изјави во вашето работењето, но и во исходот од лекувањето на децата со вродени срцеви маани?

– Искрено, не знам која му е целта на колегата со тие изјави. Ќе објаснам што прави тој во моментот, заедно со неговиот колега педијатар. По давање на индикациона листа и поставување на индикација за операција кај нас, од страна на осум професори од различни профили, семејствата одат кај него на второ мислење. Ги разбирам родителите. И јас би постапил исто да сум на нивно место. Од страна на неговиот педијатар им се даваат погрешни мислења и совети на семејствата, со што нѐдевалвира како хирурзи, кардиолози, педијатри, анестезиолози, ја девалвира институцијата и ја пролонгираат операцијата, со што се загрозува здравјето на детето. Родителите потоа се враќаат кај нас со став дека не треба тука да се оперира нивното дете, убедени дека ние не сме компетентни, а што е најстрашно – не го оперираат тоа дете ниту во друга соодветната институција, по што следи притисок за лекување во странство.

Сакам да објаснам дека јас правам кривично дело, ако потпишам дека детето треба да оди на интервенција во странство, доколку таа интервенција се прави кај нас. Родителите се лути, затоа што не се дозволува операција во странство, а притисокот врз мене оди до таму што на удар е и моето најтесно семејство, со клетви и погрдни зборови, иако јас сумтој што сакам да помогнам. Затоа реков, доста е веќе, цело време во овие шест години ние само се браниме и се докажуваме дека тоа што го работиме, го правиме искрено и добро и даваме сѐ од себе, за да го направиме најдоброто за тие деца.

Искрено ми е многу жал за тие деца и за нивните родители што подлегнуваат на манипулации, бидејќи еден ден ќе се судрат со реалноста и ќе мораат да се оперираат, само се плашам да не биде доцна. Нашиот тим нема моќ да се бори со пропагандната машинерија на колегата од приватната болница. Се надевам дека државата ќе го согледа овој проблем на време, за да нема и понатаму вакви проблеми, особено што тоа најмногу ги засега децата и родителите. Колегата тоа воопшто не го погодува, а со ваквиот неколегијален пристап и него реалноста еден ден ќе го погоди.

Тие што нѐ напаѓаат ги кријат бројките, а не ние!

Сепак, да одговориме на клучното прашање – може ли да ни кажете која е стапката на смртност во детските кардиолошки интервенции на Детската хирургија?

– Интересно е што ова е прашање најмногу ни го поставуват колеги од приватни институции и нѐ критикуваат дека ги криеме резултатите, дека сѐбило се завиено во тајна. Можам најодговорно да потврдам, со целиот мој кредибилитет, дека не постојат никакви тајни и сите наши резулати се достапни и јавни. Парадоксално е што нивните резултати и комликации се завиени во тајна, а не нашите. Интересно е што ние сме константно изложени на проверки, а јас секаде јавно ги кажувам нашите резултати. Дали некоја друга клиника, болница или приватна институција јавно дава податоци колкава е смртноста?

Оваа година ми е многу драго што немаме ниеден смртен случај. Сите оперирани бебиња се добри. Просечна телесна тежина на сите пациенти се движи од 2,5 до 3,5 килограми. Морам да напоменам детска кардиохирургија ја следат и морталитет и компликации секаде во светот. Таква е патологијата. Верувајте, кажувам најодговорно и најискрено дека целиот тим е погоден лично кога имаме компликација кај некое дете или кога ќе почине. Ве притиска тоа ненормално, не спиете, а мора да продолжите понатаму.

Кај нас, ако се земе процентуално, морталитетот за сите овие години се движи околу 5-6 отсто (но мора да се напомене дека имаме комплексност од над 70 отсто). Се надевам дека со комплетирање на тимот и со обезбедување на новиот простор, ќе бидеме подобри. На мене и на тимот ни е најважно да дадеме сѐ од себе да го спасиме секое бебе со срцева маана.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ ПРОЧИТАЈТЕ ГО НА СЛЕДНИОТ ЛИНК.  

Тим посветен на борбата за срцето на секое дете
Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!