Заев е на некој облак над Македонија, над реалноста, и си живее среќно

Пишува: // Јорданка Ивановска-Јоци 

Премиерот Зоран Заев не` почести со велигденско мега интервју. Морам да нотирам како сите сме мега жиснорадосни поради тоа. Го закачив во соба на ѕид.

Интервјуто, прво го најавуваа од државната агенција МИА два дена, во духот на интрига, демек да го очекуваме со нетрпение обраќањето кон рајата, да не спиеме од среќа, да си пукнеме од љубопитност, а денеска интервјуто ја виде светлината на денот и ете-сега сме конечно слободни и вистински весели. Можеме да наздравиме- премиерот мисли на нас.
Која глупост е да читаш вакво интервју на политичар за ваков празник ! Да ги окупира медиумите со демагогии и за Велигден.
Секој добар советник, требаше да му каже дека пола Македонија е во Грција, а другата половина на скара. И дека ќе го прочитаат само оние на кои тоа им е професионален позив или работа.

Без разлика, некако успеав да го прочитам. Жива досада. Долго, инертно, преџвакани фрази. Веќе слушнати. Не, навистина, до кога ќе читаме едно те исто ? Оваа Влада на власт е една година. За тоа време, нема никакви промени, освен во очите на Заев. Имало слобода, луѓето сега можеле да зборуваат.
Премиере, ние и претходно можевме да зборуваме и да критикуваме. Тоа го правевме со години. Ништо од тоа не донесовте.
Да не можевме, уште ќе бевте градоначалник на Струмица и ќе си теравте локал политика и ќе дававте интервјуа за сајтови, кои, наводно се локално неутрални, а всушност во посед на ваши службеници во Општината.
Граѓаните ве донесоа на власт. Не почна така говорот во обраќањето по парламентарните избори ? Да, така почна, со благодарница до граѓаните. Епа добро, сетете се кој носи и кој симнува од власт.
Заштедиле граѓаните на струја !?!
Па, да ти ги покажам премиере сметките од лани и годинава за струја, па ти кажи дали нешто е заштедено. Нема промени !!!

Економијата и Буџетот биле стабилизирани !?! Така прочитав. Кај и да е, 500 евра просечна плата ќе била реалност на 1 јануари, 2019 !? Ова веќе бараше ,,жесток” пијалок, човек да се напие, за да го ,,свари” прочитаното без последици по нервен систем.
Туку, премиерот си верува во изговореното. Еве, не знам каде живее, дали е тука или во некој облак над Македонија, но секако хибернира над реалноста.
Тој навистина е уверен дека ако каже ,,ја стабилизиравме економијата”, таа магично ќе добие ,,петка” на рака и ќе ,,вози” 200 на час.
Јас, имам неколку прашања до Заев.
1. Ако економијата е стабилизирана, зошто цените во изминатите месеци се покачени за 50 отсто во малопродажба ? Не се вика тоа тивка инфлација или ќе се правиме не постои ?
2. Дали пазарува во маркет, дали сам плаќа сметки ?
3. Очито не, да беше поинаку, да излезеше надвор од кабинет, немаше да зборува за историски успеси во просечни плати.
Немаше да зборува за цут во економија, а притоа да не каже колку се задолжи неговата Влада. Ах, да, тајна е тоа.
Затоа и го нема долгонајавуваниот часовник на Триумфална.

Потоа, вели, министрите биле добри во некои сектори, ноооо…проблемот била администрацијата која премиерот ја оквалификува како ,,хихи-хохо”. (Во смисла, по цел ден пиеле кафиња и озборувале).
Оние кои не ги бивало, ќе си заминеле. Се барале резултати од секого, поинаку ќе биле отпуштени.
И тука веќе ќе поентирам, нема смисла цело досадно интервју да го раскажувам.
Очигледно е дека премиерот Зоран Заев од секого ќе бара резултати, само не и самиот од себе.
Од него резултати бара народот, гласачите, но тој тоа ниту го разбира, ниту е подготвен да сфати дека Македонија тоне, а неговите министри, градоначалници, советници, пратеници, директори,  раководители, членови по управни, надзорни одбори, не работат.

Кој е последниот проект на СДСМ со кој може да се пофали дека донел пари во џебот на граѓаните или бенефит ? Дали тоа се ветените 2.160 денари за пензионерите за 2017, никогаш исплатени ? Дали тоа се никогаш купените амбулантни возила ? Некоја фабрика да не е отворена, а да не знаеме ? Нови работни места? Некое игралиште, сала, болница ? Училиште, градинка, улица, нов трамвај, базен, гасовод ?

Ленин, на времето, рече-,,Работа, работа, само работа”.
Во Македонија владее некоја СДСМ со-,,Неработа, неработа, само неработа”.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!