
Љубовџиите, кои, паузата за појадок ја користеа за дружба во природа на Водно, за што често сведочеа и шумарите во медиуми, од денеска, се на маки. Исто и младите кои го посетуваа Водно од истите причини.
Со цел заштита на зеленилото на Парк-шумата Водно од непрописно паркирани возила, Градот Скопје, денеска постави заштитна дрвена ограда покрај патот кој води до Средно Водно.
Станува збор за странични делови од улицата, кои, служеа за паркирање на граѓаните кои до Средно Водно доаѓаа со своите автомобили.
Колку оваа ограда-банкина ќе издржи под налетот на несовесни граѓани и вандали, кои, редовно ја уништуваат урбаната опрема, останува да видиме.
Нова мерка за дестимулирање на граѓаните да се ,,рекреираат” со автомобили на Водно, е и воведувањето на новата паркинг зона АО на јавните паркиралишта во рамки на парк-шумата, каде еден час паркирање е 100 денари, а секој нареден-50 денари.
Возачите, кои, денеска не ја почитуваа новата одлука, беа казнети, а возилата подигнати од Пајак службата.
– Голем број граѓани и денеска го искористија убавото време и бесплатниот автобуски превоз и го посетија Водно. Граѓаните што решија со возила да го посетат Водно прописно паркираа и ја почитуваа ново воведната зона А0 за паркирање – , информираа од Градот Скопје.
Сообраќајната полиција, за непрописно паркирање, казнила четири физички лица.