ПО ПРЕГАЗУВАЊЕТО НА ДЕТЕ ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: Наумоски вети семафори, жителите бараат и полициски патроли

На улицата ,,Борис Сарафов” во Ѓорче Петров, каде вчеравечер, од автомобил беше удрено 10-годишно дете, ќе се постават семафори, соопшти денеска градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски.

Оваа информација на локалната власт доаѓа ден по несреќата и протестите од жителите, кои, ја блокираа улицата со возила и контејнери. Тие побараа поставување на семафорска сигнализација, но и редовна патрола на МВР, со цел дисциплинирање на возачите, кои, како што рекоа ,,на улицата возат и до 200 километри на час”.

Според информациите од Клинички центар, детето е вон животна опасност, но има повреди на главата и скршеници.

-Во координација со Град Скопје, денеска добивме информација дека на критичното место ќе биде поставен семафор со кој очекуваме целосно да се реши проблемот со сообраќајот, брзото возење и непочитување на пешаците кои минуваат на пешачкиот премин кај училиштето ,,Мирче Ацев”-, се вели во соопштението од Општината.

Градоначалникот Наумоски, во обраќањето до јавноста, изрази големо жалење за незгодата и побрзо закрепнување на повреденото дете. Воедно, се надева дека по решавање на сообраќајниот проблем, никогаш повеќе нема да се повтори ваква немила случка во Ѓорче Петров.
-Во повеќе наврати, заедно со релевантните засегнати страни, но и невладини организации кои работат на проблематиката, како општина инициравме средби на оваа тема, а дебатиравме за можни решенија токму пред неколку дена во мојот Кабинет.
Сега, повикувам пред се на свесност и совесност кај возачите кои сообраќаат по таа улица, особено затоа што во тој дел од Ѓорче Петров, поради училиштето, во најголем број се движат деца-посочи Наумоски.

Тој, меѓудругото, повика на разумност кај родителите и смирување на тензиите поврзани со овој настан.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!