Поминаа три години од објавување на прислушуваните разговори, т.н ,,бомби”, а Зоран Заев, не соопшти никаква вистина за убиствата кај Смилковско езеро. Иако ветуваше на јавноста на најмалку 50 прес конференции и интервјуа, но пред да стане премиер.
Видео изјава, Зоран Заев, 21.5.2015 година, 5 минути и 26 секунди. (Официјален YOU TUBE канал на СДСМ)
,,Куманово влијаеше на нас, процесот за ,,Монструм” да го пролонгираме за одреден период. Но, јас вистината ја ветив и таа вистина ќе биде обелоденета комплетно”, рече Зоран Заев пред три години како тогашен лидер на опозицијата.
На 6 минути и 15 секунди, тој додава:
,,Вистината ќе биде соопштена бидејќи ја бараат прво граѓаните, родителите на убиените деца, на возрасниот човек, роднините на затворените луѓе”.
Денеска, на собраниска седница за пратенички прашања, околу масакарот кај Смилковско езеро и неговото ветување дека ќе обелодени се`, премиерот Зоран Заев, во трето лице, изјавил- ,, ако имавме докази, Зоран Заев ќе ги објавеше бомбите до крај “.
За тоа време, пред Основниот суд, се одржаа протести под мотото ,,Правда за жртвите кај Смилковско езеро”, организирани од непознати лица на социјалните мрежи. Меѓу присутните беа забележани симпатизери на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но и кандидатот за градоначалник на Бутел од оваа партија, Дарко Костовски.
Тој изјави дека на протестот е како граѓанин, особено поради фактот што доаѓа од општина Бутел, каде се случија грозоморните убиства.
Родителите и роднините на убиените, се оградија од денешниот протест. Пред една недела побараа од судот, стражарно приведување на Заев, со цел да ги покаже јавно доказите, кои и ним им ги покажал, за вмешаност на функционери од ДУИ во убиствата.