
Охридското здружение ,,Охрид СОС”, формирано за заштита на градот, информираше за скандал со поканети гости, брачен пар-научници, кој се случил на скопскиот аеродром. Научникот Скот Винтон требало да биде учесник на научната конференција на ,,Society of Wetland Scientists” за блатни екосистеми во Охрид, кој на аеродром пристигнал со сопругата, која потоа била депортирана од МНР/МВР, бидејќи немала македонска виза. И таа е научник, но само го придружувала сопругот на конференцијата во Охрид.
Информацијата ја објавуваме интегрално :
,,Скандалозна неспособност за извршување работни задачи на Министерство за внатрешни работи и Ministry of Foreign Affairs of the Republic of Macedonia непосредно пред научната конференција на Society of Wetland Scientists за блатни екосистеми во Охрид каде што се очекуваат околу 50 научници од целиот свет.
Вчера околу 20 часот на Меѓународниот аеродром Скопје (Skopje International Airport – SKP) беше експресно депортиран научник со колумбиски пасош кој само што пристигна со авион од Цирих, а живее и работи во Швајцарија. Причината за итната депортација е што госпоѓата немала виза за Република Македонија. Залудно и таа и нејзиниот сопруг, исто така научник, им објаснувале на неспособните припадници на МВР / МНР дека таа го исполнува третиот услов за дозволен влез во Република Македонија објавен на интернет страницата на МНР:
http://www.mfa.gov.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=134&Itemid=662&lang=mk
Врска на англиски јазик: http://www.mfa.gov.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=134&Itemid=662&lang=en
На оваа страница јасно пишува дека тие што имаат шенген виза со повеќе влезови НЕ ТРЕБА да имаат и македонска виза за да влезат во Република Македонија.
Госпоѓата, патем петти месец трудна, била насилно качена на авион назад за Цирих без можност и да се поздрави со својот сопруг за кого немало место во авионот да се врати заедно со неа. Згора на сѐ, ѝ бил ставен и црн печат во пасошот! А таа е научник со меѓународна кариера и тој црн печат и тоа како може да ѝ пречи во понатамошното извршување на нејзината работа – таа постојано патува поради конференции или теренски истражувања!
Денес и нејзиниот сопруг замина назад за Цирих. Тој го откажа своето учество на конференцијата во Охрид каде што требаше да презентира научен труд.
Кои биле службениците што вчера каубојски си дозволиле да депортираат научник како да е најголем криминалец назад во Швајцарија? Какви санкции ќе сносат и кој ќе ја надомести штетата што ја направиле лица некадарни да бидат вработени на тие позиции на кои се?! До кога Македонија ќе си игра држава?!”.