
,,Раскажувачката”
Пишува: // Фросина Ѓорѓиоска
Пет часот сабајле. Седиме во еден ноќен клуб, умрени од работа, стуткани како бакшиш на нерасчистена маса. Чекаме Кирца да не` раздолжи со промет и да си одиме. Но, тоа нема да се случи во наредниот час, а можеби и два, бидејќи фројдовскиот примерок на потиснати фрустрации и комплекси треба да го изведе својот ,,културен” перформанс, амбициозно спремен ко за на Венециско биенале:
–Фрос, ти наполни 34 години, така?
-Да. (превртувам очи бидејќи знам што следи)
-Па кога ќе се мажиш?
-Еве сеа, само чекам да не` раздужиш.
-Ајде најди си некој за озбилно, среди се.
-Толку многу сум средена, што можам и тебе да те средам за секунда, затоа одјеби.
-Стара си веќе, кој ќе те земе после кога нема да можеш да раѓаш. Ќе останеш сама. Барем едно дете роди. Гледаш јас се оженив и деца имам. А ти што?
-Уште да имаше сопруга што ја сакаш, таман ќе беше. Вака си само размножен, како и секој жив организам на планетава, тргнувајќи од амебите па навака (ме гледаше бледо бидејќи не знаеше што е амеба).
-Ама јас за твое добро ти зборам, ќе останеш сама. Мајка ти е стара и болна, кај и да е и таа ќе умре. Ти што ќе правиш? Со тој разведениот што идевте што напраи? Ни тој не те зема? Барем детето ќе му го изгледаше, пошто тебе веќе и климакс ќе те фати.
-Знаеш Фрос, Кирца е во право- се слуша едно женско гласче од личност која во слободно време се претставуваше како моја другарка.
Седам ко на обвинителна клупа пред судијата и поротата и ме фаќа срам од неинтелигенцијата на Киро и ,,другаркава”. Ќе излажам ако речам дека нејзината изјава не ме здоболе, затоа што болка може да ти нанесе само личност што ти е драга. Само ја гледам со жал, без да реплицирам.
Климакс не ме фати, ама ме фати жал за неа и Кирца. А што му преостанува на човек чиј коефициент на интелигенција е еднаков со бројот на кондурите што ги носи, освен да се занимава со туѓите животи, да коментира ничим изазван и да шири мизогинија и сексизам, бидејќи максимум што може да постигне во животот е тулумба и боза во Апче ?
За да бидеш успешен келнер во Македонија треба да имаш завршено курс по фотографија, црн појас карате и диплома по психологија. Попуштени вени добиваш гратис во пакет со попуштени нерви. К-15 можеш да видиш само со помош на бујна фантазија.
Да бидеш успешен келнер, значи имаш целосно право да сереш врз ликот и делото на Буцо. За среќа веќе покоен.
Од друга страна, да бидеш келнер со лоша карма, значи да ти биде Кирца шеф. Иста маса, исто место, втората од десно. Девет години така. Кирца е лик кој без никаква причина се служеше со навреди, потсмев и јавно исмејување на секој вработен. Човекот ја злоупотребуваше својата позиција на шеф, па сите му молчеа на навредите од страв да не бидат избркани од работа.
За машко – женските рабоЌЕ и општо, меѓучовечки односи, во оваа вукојебина која очајно се обидува да биде држава, можам да напишам цел роман од лични, но и туѓи искуства. А такви искуства не се стекнуваат од седење дома, одење по библиотеки, виткање сарми или спремање магистратура и докторат. Такви искуства се стекнуваат на терен. А за ситуацијата на терен најдобро можат да ви раскажат таксистите, маалските фризерки и келнерите. Ги исполнувам условите. Келнер сум. Тоа значи дека имам видено и слушнато се`. Тоа значи дека ништо не ме изненадува. Можеби ќе бев и таксист ако не ме бутнеа на градска, затоа што се удрив во паркиран камион. Инструкторот ми забрани и точак да возам со следнава инспиративна изјава: ,,Побезбедно е Саша Матиќ да има возачка, отколку ти”. Но за таквите мои таленти во друга прилика.
Зошто го пишувам текстов? Затоа што Кирца како поединец е тотално неважен, еден од многуте вакви ,,ренесансни” ликови на нашиве простори, кои, се множат. Затоа што мешањето во туѓите животи е наш народен обичај кој се пренесува од колено на колено. Како стигнавме до ова дереџе? Едноставно и лесно-со практична примена на простотилакот. Кога станавме толку злобни или од секогаш сме биле?
Страшно ме фрустрира (еве таа фрустрација ја канализирав во вид на колумна) сознанието дека овде се плука врз секој што има дух, што е свој и што не живее во калапот на нормалноста која мнозинството ја наметнува. Секое излегување од рамката конструирана од стереотипи, предрасуди и традиционални вредности го гледате како злочин. Што е тоа што вас ве навредува кога ќе сретнете некој што не живее и не размислува како вас? Што ве лути толку, па почнувате со навреди и потсмев? Ве лути тоа што таа личност ве потсетува колку вие сте немале храброст да живеете како што сакате. Ве лути сопствената немоќ, незадоволството од сопствените животи.
Пак ќе повторам-келнер сум. Сум ве видела колку сте ,,среќни”, колку совршено глумите брак на слави, родендени, свадби и крштевки, за после на ,,афтер” конечно да се ослободите од оковите на брачниот другар, да оптегнете во диско на казанче бела тенка лепотица и така полетни да се фрлите во прегратка на швалерот/швалерката скриени во најблиското преноќиште. Ама, ај, да не ве издавам. Можеби ќе се препознаете во некој мој нареден текст. До тогаш може и ќе ме омажите…
Настаните се вистински, но ликовите се измислени. Секое преклопување со имиња на вистински ликови е коинциденција.
© Сите права се задржани. Забрането е копирање на содржини за комерцијални цели, преземање на текстови или делови од нив, без дозвола од авторот на веб страницата. Не е дозволено ниту преземање на содржините со хиперлинк до информацијата на веб страницата, без дозвола од авторот. Преземање на содржини на социјални мрежи, за некомерцијална употреба, е дозволено со хиперлинк.