Фрос, што си се облекла во маица ко за мешање малтер ?

,,Раскажувачката”

Пишува: // Фросина Ѓорѓиоска

Целосното отсуство на срам, почит и самокритичност се првите симптоми на недостаток на интелигенција.
Кирца, мојот поранешен шеф ги исполнува условите. Кирца е лик за кој чувствувам дека ќе се здобие со ,,библиска” актуелност во моите колумни. Тој е мојата муза. Го одбрав да биде Талија (во митологијата е муза на комедијата, претставена со смешна маска, венец од бршлен и овчарски стап). Па, комедијата може да почне:

-Фрос, што си се облекла во ваква маица ко за мешање малтер?
(маичката беше обична, црна, со апликација од логото на ,,Ролинг Стоунс” )
-Па мешалицата боље ми врти со Мик Џегер. Малце кочи на Кит Ричардс, ама ќе се снајдеме. А шо, ти градежна фирма да не отвараш у Маџари ?!
-Не, ама не се иде вака на работа со ваква маичка.
-Да не треба фустан за на работа да облечам? Јас келнер/ка у фустан неам видено досеа.
-Не си ти за со фустан, не дека келнер, туку дека немаш кола ко мене, па со точак идеш на работа. (го кажува тоа лик кој на работа иде со виљушкар – лада самара)
-Точно, немам кола, а немам ни лада самара за среќа. (почнуваат да го фрустрираат моите реплики и уште толку се залетува. Најјако, со сета сила)
-А бе ти и така имаш фризура и нос ко на Драгана Мирковиќ, најбоље ќе ти стои трактор да си купиш. Со тракторот може ќе си фатиш и некој глуп провинцијалец, па ќе си ја орате нивата заедно. (а пола од колегите кои го слушаа муабетот беа луѓе од други градови, кои не му реплицираа на навредите заради неговиот авторитет по позиција)
-Тешко ми е да најдам некој толку глуп ко што викаш, затоа што ти си им сериозна конкуренција на сите неинтелигентни суштества кои егзистираат на планетава. Да не беше женет, тебе ќе те земев ко најглуп.

Останатите навреди кои му ги упатив како одговор на неговиот сељачизам не се за кажување, за да не ме цензурираат.

Драмска тишина. Во моментот влегува еден од газдите и тука прекинуваме. Додека го пијам моето нескафе горчливо како комплексите на Кирца си размислувам :
,,За мојот изглед и имиџ, а и за имиџот на сите колеги, коментира човекот чиј изглед се разликува од изгледот на орангутан само поради тоа што овој носи панталони. И тоа бели, проѕирни и тесни, оптегнати на задник на кој можеш да ја напишеш Ана Каренина. Одоздола црна танга. Да, добро прочитавте. Црна машка танга и лакирана црна ципела чиј шпиц достигаше од Дебар Маало до Маџари. Шпиц поголем од неговата интелигенција. Имиџ и изглед на кој може да му позавиди само Миле Китиќ. Подвижна ,,уметност”. ,,Fashion week” у најава. Така Кирца без да знае, натегнувајќи ја чашата со JB и кока кола, ги постави темелите на ,,високата мода”.

Што сакам да кажам со текстов? За вас лошо ќе зборуваат само оние кои вредат помалку од вас. Оние кои вашиот успех го гледаат како нивен неуспех и тоа ги нервира.
Нека зборуваат. Макар и лошо. Тоа значи дека сте подобри од нив. Лошо е ако ве тапкаат по рамо. Нека ви ги препишат сите лоши епитети. Тоа значи дека сте успеале, затоа што лошите луѓе зависта така ја проектираат. Наместете си ја круната и чекорете горди и среќни. Ништо не ви можат.

Тоа значи дека сте успеале. А успехот не е ни пари, ни моќ. Успехот е задоволство од исполнетоста на сопствениот живот, удобноста во сопствената кожа и среќата со тоа што моментално го имате. Успехот е состојба на духот. Тоа е нешто што никој не може да ви го земе.
Затоа им одите на нерви на оние другите. Затоа што сте среќни. Продолжете така. Добрите луѓе ќе знаат тоа да го препознаат и ценат. Другите не се важни.

Настаните се вистински, но ликовите се измислени. Секое преклопување со имиња на вистински ликови е коинциденција. 

© Сите права се задржани. Забрането е копирање на содржини за комерцијални цели, преземање на текстови или делови од нив, без дозвола од авторот на веб страницата. Не е дозволено ниту преземање на содржините со хиперлинк до информацијата на веб страницата, без дозвола од авторот. Преземање на содржини на социјални мрежи, за некомерцијална употреба, е дозволено со хиперлинк. 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!