,,СТРАНЦИ” НА ВИТОШЕВИЌ: ,,Го сакам твоето тело” ги преврте и нашите животи

Што ќе се случи ако добиете смс порака  ,,Го сакам твоето тело” ? А, притоа сте на вечера и пораката ја види вашиот брачен другар, но и вашите пријатели ? Секако ќе се случи катастрофа. Освен, ако не е шега. А, шегите се прилично посакувани секаде и во секој облик, но никогаш не знаете каде ќе ве одведат.
Внимателно со шегите, драги љубители на театарот! По претставата ќе се преиспитате и себеси и опкружувањето. Многумина од вашиот живот ќе станат минато.
Been there, done that !
Мора да бидете дел од ова.

Во претставата ,,Странци” на режисерката Нела Витошевиќ, која по цела деценија го ,,воскресна” Драмски театар и го наполни со публика-ѓаволот ја однесе шегата.
Улогите ги играат :
МИКЕЛЕ – ИГОР АНГЕЛОВ
ЕВА – ИРЕНА РИСТИЌ
КАРЛОТА – БИЉАНА ДРАГИЌЕВИЌ  ПРОЈКОВСКА
ПЕПЕ – ЗОРАН ЉУТКОВ
БЈАНКА – САЊА АРСОВСКА
КОЗИМО – ФИЛИП ТРАЈКОВИЌ
РОКО – ПРЕДРАГ ПАВЛОВСКИ

,,Го сакам твоето тело” е пресвртницата, погрешната шина, спиралата, од каде почнува катастрофата и расплеткувањето на тајните во брачните и пријателски односи во претставата. Излегуваат демоните. Лагите кои на мобилен телефон и на социјални мрежи се прекриени со наместени насмевки, протоколарен лајк, срце, смајли и целиот виртуелен замрзнат момент зад кој се кријат илузии, патење, несреќни животи, нерасчистени и мачни љубовни односи, посакувани сексуални пози во вид на фантазии. И секако-милион фрустрации. Можете да бегате од нив некое време, но не можете вечно.

Тоа е првата домино плочка која со себе турка други плочки, до сам крај, односно повлекува низа настани. Се разголуваат телата и душите на главните ликови, иако цело време се облечени. Во скапи облеки и пијат скапи вина. А, животите им се евтини. Без искрена љубов. А, љубовта и добрата храна се единствените нешта заради кои треба да се живее, велат Италијаните. Имено, драмскиот текст е по сценарио на италијанскиот филм ,,Совршени странци”.

Претставата, минатата недела, ја дочекавме, по еден час доцнење, поради проблем со електричната енергија.
Драмски театар освен што е стара скапана барака, која прокиснува на дожд, нема ни агрегат за вонредни испади во електричната мрежа. Талентите во театарот заслужуваат многу повеќе од импровизации.
Како и да е, сето тоа убаво се вклопи во темата-темнината е лајтмотивот и во претставата. Демоните и тајните.

Играта почнува. Барем на почеток е се` игра. Наивна, детска, интересна. Секој да обелодени што крие во неговиот мобилен телефон. На сцената се чувствува мачнината од она што ќе следува. Се вика страв. Од неизвесност, од реалноста, од желба дека по 10 минути ќе се разоткриете какви сте навистина.
А, какви сте навистина ? Ги лажете оние кои тврдите дека ги сакате ? Зошто ?

Нашите главни херои се знаат долги години, играат фудбал, озборуваат, јадат заедно омилени јадења, слушаат и решаваат професионално туѓи животи, но во исто време не се познаваат меѓусебно. Ни себеси.
Фројд рекол-,,Единствената личност со која треба да се споредувате во минатото сте вие. А, единствената подобра личност која би требало да бидете, тоа сте вие во сегашноста”.

Нималку не се познаваат. Знаат дека нивната пријателка одлично готви шпагети, пие џин, сарказмот и` е главен ,,драјв” за исполнет ден, но поим немаат дека таа сака поубави и поголеми цицки. Не си ги знаат сексуалните желби и фетиши ни на партнерите, камоли на пријателите.
Во суштина, играта за време на вечерата, која ја почнува Ева (Ирена Ристиќ) не е поради тоа што ја интригира што крие нејзиниот брачен другар, со кој има дисфункционален брак и во таа рамка останува поради детето, напротив ја интересира што крие нејзиниот љубовник во неговиот мобилен телефон.
Иако нема секс, се` во претставата се врти околу него и сексуалната привлечност- љубовта не е сама по себе доволна, без голо тело.

Мора да се нагласи и дека режисерката Витошевиќ, која беше во први редови против минатата власт, е одговорна за фасцинантната претстава, бидејќи не се држела до политичка коректност да ангажира само ,,шарени” актери.
За одлична претстава политиката треба да се тргне настрана. Уметноста не трпи мешање на политички секрети. Имено, на сцената, Ристиќ, Љутков и Пројковска, тоа многу добро го докажуваат-магијата во театар не се одржува во живот и не носи публика поради партиски идеологии, имиња во тефтерчиња, камоли идоли.
Во тој дух, честитки за Витошевиќ што растеретена од предрасуди ангажирала синхронизирана екипа, а не идеолошки подобна, како што беше претходно ,,редот”, во владеењето на минатата власт. Само така ќе се искачи скалила погоре, а публиката тоа ќе го почитува.

,,Странци”, од друга страна е и голем кам-бек за Ирена Ристиќ во Драмски театар. Која неправедно беше ,,замрзната” со години од минатата власт за големи ролји, иако е актер-првенец. И тоа веднаш публиката го препознава, а салата, за премиерата и за трите изведби е преполна до последно столче.
Таа и Пројковска ја ,,возат” претставата и и` ја даваат драматичноста, без која не се може.

,,Оние кои ги сакаме ги заштитуваме”, беше дел од поентата на Пепе (З.Љутков) при крај на ова театарско дело.
И така е навистина. Оние кои ги сакаме вистински не даваме никој да ги прекори, изманипулира, да им фали влакно од глава, некој да ги погледне попреку. Не сакаме да ги делиме со луѓе кои знаеме дека ќе ги повредат.

Последната изведба на ,,Странци”, оваа сезона, е утре-на 30 мај. Распродадена е.
Чекајте ја наесен.

Промо видео за ,,Странци”:

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!