
,,Раскажувачката”
Пишува: // Фросина Ѓорѓиоска
Пред некоја година почнав да пишувам поезија, па откако стекнав светска анонимност се префрлив на колумни. Дека сум експерт во многу области, говори и фактот дека успешно промашувам љубовни состаноци.
За успешноста на мојата љубовна експертиза говори и фактот што се уште сум сингл. Еднаш излегов со еден што го знам од фејсбук, Ѕвонко Фејсбуковски (Фејсбуковски затоа што го запознав на фејс, а Ѕвонко заради перформансите кои подоцна ми ги раскажа една негова бивша девојка која случајно ја запознав).
Седнуваме у еден кафич:
-За мене едно макијато со ладно млеко и види девојчево дали сака кафе или сок. – веќе после првава реченица ми стана јасно дека типов ќе го јаде и ќе си го мацка у млекцето од макијатото.
-За мене џејмисон, дупли и без мраз. – , нарачав, а тој ме гледаше со ококорени очи.
-Еј не знаев дека пиеш алкохол.
-Не знаев ни јас дека пиеш макијато со ладно млеко, ама секој си има свои пороци. Не ти се мешам у избор.
Ме гледа со поглед кој не го одобрува вискито, ама веќе ништо не вели, туку вади две карти и триумфално, гордо и задоволно мaфтајќи со картите, `ко кралицата Елизабета со ладалото, ми вели:
-Имам две карти за на Аца Лукас. Ќе одиме?
-Ќе одиме, секако. Еве јас ќе одам на Офф фест, ти на Аца Лукас.
Меѓу нас тишина, во количини доволни да опремат неколку египетски гробници.
-А ти работиш негде?
-Да, келнер сум у диско. Ти?
-Јас завршив на факултетот за туризам, ама не работам, нема работа.
-Па да, најасиромашна земја сме во регионов и пошироко. – му велам.
-Кој вика така?
-Дојче Веле.
-А кој е тој Дојче Веле?
-Бившиот.
Убила ме туѓа срамота. функционална неписменост у најава. Пробува да ги демаскира своите интелектуални напори:
-Епа паметен ти бил бившиот. – дава ,,интелигентен” заклучок, видливо горд на својот ,,космополитски” дух.
Не, не се обидов во тој момент да објаснам што е Дојче Веле, бидејќи било какво објаснување од моја страна, ќе беше лична навреда за него.
-Не ти е ли тешко пошто си женско да работиш во диско само трета смена со години?
-Не. Тебе не ли ти е тешко ништо да не работиш?
-Ама женско си, бе. Жена не е за ноќни смени. Така никогаш нема да најдеш маж и да се омажиш. Мене да си ми жена, нема да те пуштам навечер да работиш. Жена си, ќе раѓаш. Тоа е улогата на жената. А работа – ако има нормална, денска, добро, ако не дома ќе седи.
-Ти мене да си ми маж, а нема да ми бидеш, не би ти дозволила да НЕ работиш само во еден случај, а тоа е во случај да си мртов.
-Јас си се ценам себе, имам факултет и не би работел потценувачки работи. И нормално, не би бил келнер и не би пуштил жена ми така слободно да живее со работење трета смена. Така само ќе ме изневерува навечер на работа со кој ќе стигне.
Нагонот за убивање на идиоти го канализирам со следнава изјава:
-Дечко, тебе у моментов не ти треба добра девојка, ти треба добар психијатар, кој знае да се справи со комплексите на ваквите (по претпоставка) малокурести, обезмудени, едноклеточни организми кои не знаат дека Дојче Веле е всушност медиум, а не бивши дечко. Да, да, до толку си глуп. Келнер, сметка ќе те молам.
Плаќам за моите пијачки, тој за неговото кафе. На станување оставам мои 50 денари на маса, за бакшиш на келнерот. Се врти Ѕвонко и скришно ja зема пееската у рака и ја крие:
-Ај отвори ја раката, додека не сум ти ја отворила главата, врати ги парите на маса и не ме кради. Тоа се мои пари кои јас му ги оставам на келнерот. Бакшиш. Непознат и недостижен поим за тебе, исто како Дојче Веле.
-Јас будала што излегов со ваква дроља ко тебе, што работи трета смена и што не прима совет од прав маж. Не остана поштена жена еј.
-И мајка ти е жена ако не си знаел. – се вртам и си влгувам у првото такси што стоеше на улица.
Доказ дека живееме во примитивно општество се токму ваквите ликови кои ги има секаде, во секое маало, во секоја работна средина. И место полека да се менува тој ментален склоп, тој вграден генетички чип на затуцаноста, за жал глупоста се размножува и званично се етаблира во нашето секојдневие.
Тоа се оние ликови со раскопчана кошула кои се главни и најгласни на сите слави, родендени, свадби, крштевки, додека жена им седи во некој агол и си ја прифатила улогата на порцелански ќуп у дневна соба.
Вашата професија е ваш личен избор и едно од основните човекови права и дека секој кој ќе се обиде да ја потцени, омаловажи или не дај боже ви забрани да го работите тоа што го работите, треба по автоматизам да биде отстранет од вашиот живот. Без изговори од типот: ,,ама тој ме сака и од што ме сака ми кажува така”. Не бе, не те сака. Само си мазохист. Главата горе и знај дека вредиш што и да работиш. Никој ништо не смее да ти наметне, ни да ти забрани, дури ни со финоќа. Не биди лек за нечии комплекси. Должност ти е да сјаеш повеќе од круната на твојата глава. Должност кон себе си.