
,,Раскажувачката”
Пишува: // Фросина Ѓорѓиоска
-Девојче ! Ај, еден ,,џејмисон” за мене, едно мохито за пријателов и една курва за триста евра ако најдеш во дисково.
-Јас сум келнер господине, не сум макро.
-Е ако де, ти знаеш овде која дава, која не.
-Па и ние даваме…пари. – се надоврзува другиот и ми мавта со 500 евра. ( демек ако не се најде спонзоруша, мене ќе ме убеди )
Им носам пијачки. Тој едниот не знае дека ја знам жена му. Тоа се оние шупливи типови кои мислат дека со пари можат да купат се`. Цврсто веруваат дека со пари и секс ќе си ја надополнат емотивната празнина. А, тоа не е обична празнина. Тоа е кратер, црна дупка од вселенски размери како оние за кои пишуваше покоен Хокинг.
Својата теорија дека парите купуваат се`, се обидоа да ја докажат и научно, применувајќи ја на мене во недостиг од спонзоруши таа вечер.
На едниот косата му светеше од гел исто како на другиов што му светеа лакираните црвени шпиц кондури. Им светеа и златните ланци, заплетени во бујното деколте, завиткано во асталски кариран чаршав, за кое во мајка се колнеа дека е кошула. И тоа кошула со кратки ракави.
-И сега девојче што праиме? Дисково е полупразно. Тебе платата ти е сигурно 200 евра. Можеш да добиеш две плати за два саати. Изборот е твој.
-Вие можете да добиете флаша ,,џејмисон” во глава и тоа гратис. Плус полн пансион на КАРИЛ. Изборот е ваш, господине Милован Кешаровски (Милован Кешаровски, затоа што многу милува кеш).
-Ама келнер и спонзоруша е слично. Штом работиш ноќе, може се` да се деси.
-Да, може да се деси никогаш да не ти го пронајдат телото Миловане.
Тука ситуацијата кулминира, бидејќи се почувствуваа навредени.
-Ние сме мажи, наше е да праиме пари. Ти си жена, твое е да дадеш. Вие жените и онака не знаете за друго. Господ му дал на мажот памет, а на жената убавина. Не знаеш да ја уновчиш таа убавина, глупа си, затоа цел живот ќе си бидеш келнер.
Идеални соговорници во четири сабајле ми се вакви луѓе, со енциклопедиско незнаење. Можеш да си ги работиш како сакаш, додека тие мислат дека вечерва ќе ебат за пари. Тоа се оние ликови кои кај шефот влегуваат со свое мислење, а излегуваат со негово.
Додека глупоста триумфира, а мојов мозок се обидува да ги процесира тие глупости, Милован напален, пружа рака и ме фаќа за половина со амбиција да ја спушто раката надоле. А сирот Милован има 50 килограми сосе кошулчето што го носи. Ако, не дај боже го касне комарец, може да го снема. Јас така погабаритна и навежбана, му ги фаќам прстињата и му ги крцкам како кикириките што Милован ги јадеше цела вечер. Поцрвенува од болка, а јас не го пуштам.
-Добро, добро, пушти ме, извини. Еве си одиме одма. Ти си луда.
Го пуштив. Си заминаа со бегање додека другарот му се смееше. Следниот ден одам на маникир. Ја гледам жена му на Милован. Така всушност и се знаеме, од салонот. Почнува да се жали:
-Денес не бев на работа, го носев мажот ми на лекар. Сирот, колку е добричок тој, се напил вчера малце со другар му, се сопнал на скалите, паднал и си го скршил малото прсте, а палецот му е изваден од зглоб. Морав јас да го носам у болница, не може да вози со една рака. Многу ми е жал. Многу убав брак имаме. Ама памет за друг пат, да не претерува со алкохол.
-Да, памет за друг пат. Ми изгледате на среќно семејство. – и` велам, додека се смешкам во себе.
-Да, многу се сакаме. Многу се почитуваме.
Заблудата е опасна ствар си велам во себе и излегувам од салонот. Не сакав да и` ја скршам илузијата за нејзиното среќно семејство, бидејќи се гледаше дека жената е искрена и дека го мисли тоа што го кажува. Иако има право да знае, што од тоа. Има работи кои е подобро да останат некажани.
А, и кој ќе ми верува дека е така кога таа со таква наивност, жар и љубов зборуваше за својот сопруг. Ќе беше уште една од многуте со изјавата: ,,Мојот не е таков”.
Зборувам за насилство врз жената-психичко. Насилство на работно место. Тоа што држам ајнцер, а не пенкало или лаптоп во рака, не ви дава за право да си ги проектирате своите сексуални фантазии врз нас, угостителските работници. Ако одговорот на вашите гнасни понуди е не, тука треба да престане психичкото малтретирање. Постојат разни облици на насилство и треба да се препознаат. И треба да се реагира.
,,Не” значи ,,Не”. Главата горе, зборувај гласно за сите да те чујат, бидејќи ова општество е наглуво. Зборувај без срам. Посрамно е да молчиш. Себично е да молчиш. Твојот живот и твојот интегритет зависат само од тебе и никој друг. Зборувај за она за кое сите молчат. Дај им храброст на оние кои помалку ја имаат и биди нечија инспирација.
Настаните се вистински, но ликовите се измислени. Секое преклопување со имиња на вистински ликови е коинциденција.
© Сите права се задржани. Забрането е копирање на содржини за комерцијални цели, преземање на текстови или делови од нив, без дозвола од авторот на веб страницата. Не е дозволено ниту преземање на содржините со хиперлинк до информацијата на веб страницата, без дозвола од авторот. Преземање на содржини на социјални мрежи, за некомерцијална употреба, е дозволено со хиперлинк.