
Жители на Карпош 4 имаат нов ,,изум” за справување со поплавените и валкани улици, кои со децении се без атмосферска канализација-ставаат кеси на нозете за да стасаат до своите паркирани возила. Станува збор за жители кои живеат на попречните улици околу ,,Волгоградска”.

Водата се задржува на улиците со часови по престанок на врнежите, затоа што едноставно- нема каде да оди. Велат дека претходното раководство на Општина Карпош било запознаено со овој нивен хроничен проблем, но никој ништо не презел, камоли да се обиде нешто да реши.
Истата прикаска е и со сегашното раководство на чело со Стефан Богоев.
Карпош, иако важи за најурбана општина во цела Македонија, се` уште има сервисни улици кои не се покриени со канализација за собирање на отпадни води. При секој дожд, се поплавуваат паркиралиштата, пешачките патеки, игралиштата, некаде и подрумите.

Општина Карпош е локална самоуправа со највисоки комуналии при градење, околу 6.000 денари за метар квадратен.
А, благодарение на минатото раководство и екс градоначалникот Стевчо Јакимовски, карпошани плаќаат и највисок данок на имот во цела Македонија. Со Одлука на Совет.
Данокот на имот и комуналиите се делат меѓу Карпош и Градот Скопје.
За возврат, карпошани, коишто важат за редовни плаќачи на сите сметки и во голема мера го полнат Буџетот на Општината и Градот, добиваат поплавени улици и се принудени да стават кеси на нозете како да живеат во најутепаното село на планетата Земја.