
,,Раскажувачката”
Пишува: // Фросина Ѓорѓиоска
Четири часот сабајле. Крај на моето работно време. Клубот празен. Чекаме само да се раздолжиме со промет и да си одиме. Во тој момент како Бетмен улетува Зејтин Билдеровски (Зејтин затоа што келавицата му светеше и Билдеровски затоа што беше видливо горд на тоа што мускулите му беа поразвиени од мозокот). Влезе со едно човече чија фаца и конституција потсеќаше на Кит Ричардс. Значи стаорец. И со нив- расна плавуша, на која ако и` се извадеше пластиката што ја имаше вградено во себе, можеше да ја опреми цела пластичарска улица и пошироко.
-Јас се извинувам, но како што гледате нема никој, затворено е и си одиме.
-Ме заболе курот за тоа што е затворено. Јас кажувам кога ќе затворите -, ми се сили Зејтин Билдеровски, поранешен волк од нашава војска, а сегашен тепач низ рурални населби и основоположник на ренесансниот идиотизам. Шефот ми вели да ги послужам, да не ги одбивам, но одма да наплатам за да може побрзо да затвориме и да си одиме. Им носам две вотки и вино. И сметка. Кит Ричардс и дрољава која ја драпаа едниот од напред, другиот од позади- молчат. Зејтин е главен.
-Петсто и дваесет денари господине.
-Мрш ма, ти ќе ми наплаќаш. Ќе ти ја напикам сметкава у уста, знаеш ли ти јас кој сум?
-А шо, ти не знаеш?
Мојот сарказам ми донесе пиштол на чело.
-Сакаш да те убијам за 520 денари ?-, ми се дере и ми држи пиштол на глава.
Сите молчат, преплашени. Шефот блед, јас уште побледа.
-Жена ми ја имам пукано у нога, мислиш дека тебе не можам ?
-Јас не сум жена ти. Ама те разбирам. Кога нема што друго да извадиш, мораш да вадиш пиштол. Кој за што е надарен. – му велам и да- се прашувам кој е овде полудиот.
Овој со пиштолот или јас што не можам да престанам да зборувам, иако животот ми зависи од мојата ,,слаткоречивост”.
Кит Ричардс го смирува за да го тргне пиштолот, кој во недостаток на интелигенција е единственото со кое може да си купи почит, т.е. стравопочит. После 5 минути убедување, кое мене ми се виде како цела вечност, го прибра оружјето, извади 600 денари, ми ги фрли у фаца и ме плукна. Онака сочно, во лице. Во таа плунка беа насобрани сите негови фрустрации и трауми од детство. Во таа плунка беше насобрана целата несреќа на оваа планета.
Има случаи каде не помага ни Фројд, а ни Иван Исцелител. Овој беше еден од таквите. Таква раскошна глупоќа со себе повлекува промаја во мозокот, непотребен курч и агресија. Тоа што научил да си ги врзува врвките од кондурите може слободно да му се рачуна како интелектуален напор.
Таа вечер имав прилика да умрам млада и да бидам убав леш. Таква амбициозна активност од моја страна не беше забележана ни кога полагав музичко по десетти пат на факултет и кога професорот ми рече дека пеам како крава. Јас сум од оние ликови кои го живеат секој ден како да им е последен и за малце ќе бев во право. Два дена после случката со Зејтин, во неврзан муабет, еден пријател ме праша:
-Кој е најубавиот настан кој ти се има случено до сега?
-Животот -, му одговорив, присетувајќи се на тоа дека малце фалеше да не сум жива. Во тие моменти бев благодарна што дишам и сфатив дека друго ништо не ми треба за да сум среќна.
Затоа другари, живејте со полни гради. Живејте сега. Не утре. Љубете сега, не после. И сега кажете им на вашите блиски колку ги сакате, бидејќи никогаш не се знае дали утре ќе имаме можност за тоа.