
Со полиција и инспектори, општинарите од Центар, започнаа со уривањето на дивопоставените летни тераси на кафеанџиите, распослани на ,,Ленинова” во Дебар маало.
Акцијата доаѓа како одговор на игнорирањето на налогот од Општината, доставен до угостителите пред два месеци, сами да ги тргнат нелегално поставените тераси и друга цврста градба.

Очевидци раскажаа дека кафеанџиите давале отпор и влегле во расправии со надлежните, но и покрај тоа акцијата за ослободување на окупираните тротоари-продолжува.
Според Одлука на Град Скопје, треба да има 2,5 метри слободна проодна површина за пешаци, нешто кое на ,,Ленинова” досега беше незамисливо поради агресивното присвојување на јавните површини за профит.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, каде пристигнуваат барањата за дозволи за летни тераси, вети обележување на дозволена граница со жолта линија, но се` уште тоа не го реализирал на терен.