
Иако паркирани на места обележани за моторни возила- автомобили, и тоа во неработен ден кога ,,Градски паркинг” не наплатува за зонско, неколку моторџии, вчеравечер, во ноќешната рација на полицијата низ Скопје, ,,заработија” блокатори на тркалата на моторите.
Вџашени од односот и новата практика, својот револт го изразија на социјалните мрежи.
Како што објаснија, не им било наплатено од службите, но им било објаснето дека ,,лисиците” се поставени поради погрешно паркирање.
Проблемот со паркирање на мотори на јавни површини и идна наплата, денеска, се пресели и пред бараките на Градот Скопје, односно градоначалникот Петре Шилегов. Моторџиите одржаа мирен протест, а потоа имаа и средба со Шилегов. Тој ја повторил својата намера во иднина да обележи посебни места за мотори на постојните паркиралишта и да воведе наплата од 5 до 7 денари од час, но претставници на мото-клубовите му порачале дека не прифаќаат такво нешто.
Од утре, како што најавија од Градот, ќе се формираат работни групи кои ќе бараат ефикасно решение за оваа идеја на Шилегов, со цел да бидат задоволни двете страни.