
,,Изразувам огромна благодарност до момците од чија група беше дел и мојот син. Со ваша помош се надевам дека правдата ќе излезе на виделина. Се надевам дека нема да има никакви скриени работи и местенки, какви што можеби имало досега-, порача таткото на покојниот 21-годишен Никола Саздовски, кој, вечерва говореше пред демонстрантите, дел од маршот организиран од навивачката група ,,Комити”.

Маршот под мотото ,,Правда за Саздо” започна од населбата Автокоманда, каде Саздовски, пред две недели, беше свирепо претепан од три лица. По десет дена во кома, почина на клиниката КАРИЛ.
Демонстрантите, маршот го продолжија пред Јавното обвинителство, а потоа и пред МВР. Полицијата не ги пушти да се приближат до зградата.
Дел од маршот беа и патриотски здруженија, како и отец Ивица, кој, одржа говор и побара повеќе да нема убиства на улиците. Тој се помоли и за душата на Никола Саздовски.
Двајца од тројцата сторители се во притвор, додека за третиот, од МВР денеска појаснија дека имаат сознанија кој е, но сепак не им е достапен.
Наспроти фактичката состојба и недостапноста на третиот сторител, во соопштението до јавноста, МВР, пред неколку дена, тврдеше дека – ,,случајот е расчистен”.
,,Комитите”, вечерва, побараа најстрога казна за сторителите. И уште еднаш порачаа дека се бесни на системот и естаблишментот.