Хепи фемили во бус за Хрватска : Мама, тато, 4 деца, тета, баба + сардина и лук

,,Раскажувачката”

Пишува : // Фросина Ѓорѓиоска 

Јас , Фичо и Мартина сме познати патувачи. Најмногу со мислите . Попрактично е така. А, и поевтино. Лани не бевме во Шпанија, исто како и годината пред неа. Сега редно е да смениме и да не одиме на Малдиви. Затоа отидовме во Хрватска.
Се сместивме на задните седишта и 16-часовното патување можеше да почне. Ликовите лирски. Случките драмски. Пред нас на седиштата спремни за на одмор цела фамилија, до трето колено. Мајка, татко, тетка, тетин, четири деца кои вршеа тортура на органите за слух на сите патници (а, никој не е должен да ги слуша) и една баба со нив.

Нормално главен беше таткото, како што е главен секој маж Македонец во своето семејство. Мајкава слика има, тон нема, само затоа што има матка, а не пенис. Децава врескаат,  се дерат, мајкава молчи и ги гледа, а татково горд ко паун вели:
-Шо ако викаат, синови на тато, уште од мали да знаат шо значи маж. Нека праат како им е убаво – , и` вели на женичкава која го гледа и потврдно клима со главата,  иако длабоко во себе не го мисли тоа.
Кај мене нервен слом у најава. Негде пред граница мажјаков, со ,,рамбовка” два броја поголема од него, вади сендвич со лук. Женчево до него вади паштета и пола леб. И нож за лебот. Бабата вади риба конзерва и целиот автобус личеше на менза во фабрика во Бангладеш. Трошки и салфети летаат на сите страни. На волот му паѓа салфета, ја гледа и не ја собира. Детево фрла празна кутија од ,,ресана” веднаш до таткото, а тој се смее и вели: мажиште на тато.
-Ако може да си го соберете ѓубрето господине – , му велам.
-Ти ли ќе ми кажеш, ма? Платил сам карта јас за ова. Не сам чистач ѓубриња да собирам.
-А, и не сме во зоолошка за да јадете вака. Во автобус сме. Мириса непријатно.
-А, мори, краво една, ти шо јадеш дома, кавијар да не јадеш ? Што ако сум каснал лукче и риба во автобус.
-Среќа што имам синуси па нема да го осетам во целост тој живописен спектар на ароми кој го создадовте.

Дојде и совозачот и ги опомена, но без видливи резултати, па сирот човек мораше да го собира ѓубрето. А кеси за ѓубре на секое седиште. Децава уште врескаат најгласно и скокаат по седиштата.
-Значи ако може барем да ги приберете децава, да ги смирите, бидејќи никој во автобусот не може да заспие – , вели другарка ми.
-Шо ти сметат па сега моите деца? Вие сигурно немате деца, па криво ви е. Да даде Господ никогаш да немате деца, оти сте злобни.
-Види лепи, тоа што јас немам деца не пречи никому, но твоиве сперматозоиди кои добиле човечки лик пречат на цел автобус и тоа најмногу зависи од тебе и оваа мумија до тебе. Во ред е дете да заплаче, да биде живо и да зборува, но децава врескаат – , му велам.

Како поддршка околу мојот став за децата улета и еден постар човек и една средовечна жена. И тие си добија слични навреди како јас и другарка ми.
Бабата која првото чоколадо во животот го има видено на телевизија,  а го има пробано 20 години подоцна, од торбата вадеше слатки, во количини доволни да опремат една просечна слаткарница. И на бабата не и` беше важно што внучињата не и` се воспитани и што пројавуваат знаци на асоцијално и агресивно однесување. На бабата и беше важно внучињава да бидат барем дебели. Веднаш до Happy big family  имаше тетка, со бордо коса и минивал, кратка фризура, од оние што се прават под хауба и на секои 5 минути бараше да се исклучи климата од автобусот, иако внатре  можеше да се свари јајце.

Имаше и двајца напалени ергени, ама од оние спремни за женење, кои одеа на одмор за да фатат женска и да ги положат своите гени во нечија матка. Како и претходното лето, така и ова ќе се вратат сами.
-Ако можи да се запознајме, јас сум Трајан и јас сакам да одам со некоја за озбилно -,  ми вели додека излегував од тоалетот на една бензиска.
-Јас сум Фросина и јас со другариве сакам да одам за Корчула. За озбилно не знам кај се оди – , му велам и натегнувам од лименката пиво.
-Ех, оваа да ти била пијаница, жена да пие пиво како вода. Шо че ти е в куќа ваква, – му вели Трајан на другар му, кој веднаш се согласи со неговото мислење.

Хрватска ко Хрватска. Убава од секое ќоше. Ја сакам исто како наш Охрид. Само што за разлика од Охрид, овде немаат баба стручњак за енергетика, субспецијалност – бојлерска проблематика која седи како сфинга пред тоалет и го гаси бојлерот штом ќе загрее два и пол литри вода. Исто така во Хрватска го нема синдромот на ладна супа и топло пиво.
Зошто имав потреба од текстов? За да ве потсетам дека доброто однесување и грижата за доброто на заедницата ја гледаме како болест од која треба да најдеме спас. Како крлеж кој треба што поскоро да го отстраниме. Задоени со себичност, се полакомо грабаме од дојката на примитивизмот и се труеме со отрови кои ја поткопуваат и последната надеж дека ќе не` биде.

Настаните се вистински, но ликовите се измислени. Секое преклопување со имиња на вистински ликови е коинциденција. 

© Сите права се задржани. Производот е авторски и интелектуален труд. Забрането е копирање на содржини за комерцијални цели, преземање на текстови или делови од нив, без дозвола од авторот на веб страницата. Не е дозволено ниту преземање на содржините со хиперлинк до информацијата на веб страницата, без дозвола од авторот.  Секое недозволено преземање ќе биде санкционирано според Закон за авторски и сродни права. 

Преземање на содржини на социјални мрежи, за некомерцијална употреба, е дозволено со хиперлинк. 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!