
Фејсбук статус на Гордана Ицевска:
,,Денес, 21 јули, 2018 година, околу 11:15 часот претпладне, во дворот на детскиот дом ,,11 Октомври” едно девојче падна од точак. Се доближив до оградата да видам да не му треба помош. Пред било што да речам или направам, еден громогласен груб глас почна да одекнува во маалото:
“Глуп еден, сеа ти да ја креваш. Глуп! А, ти мори! Ти мори гуско една, како така возиш. Ако не знаеш да возиш, мори, не вози. Кај возиш ако не знаеш мори. Ќе убиеш некој. Мене ќе ме убиеш, мори! Гуско една!..”
Гласот доаѓаше од жена со куса светло смеѓа/плава коса, облечена во сина мајца, со многу ѓердани-ланци обесени околу вратот, која седеше на клупата во дворот на домот. Најверојатно беше вработена таму. Не стана од клупата од која што ги испраќаше навредите. Не му пријде на девојчето да го праша како е или да види да не е повредено.
Викотниците на жената полни со навреди и погрдни зборови упатени кон децата не поголеми од 10 години, продолжуваа. Девојчето кога падна од точакот заплака, но, откако почнаа грмотевиците од навреди, онеме и како војник под команда стана, го крена точакот и молчеше.
,,Како им се обраќате на децата?”, реков.
По ова молњите почнаа да фрчат на кај мене
,,Ти мори, која си ти, мори, да ми кажеш. Што ти е гајле ние што правиме. Виде ли што стана? Kоја си ти, оди мори таму по патот…”
На нејзиното врескање се придружи и момчето кое жената го нарекуваше глупав.
,,Не, не гледај. Оди си, оди си.”
Врескањето на жената, по мене и кој знае кој и што се, продолжи откако јас вчудоневидена, а да признаам и уплашена, почнав да се оддалечувам од оградата. И јас ја исполнив командата на грубиот, громогласен и страшен лик. Не знам уште колку време врескаше. Никој од минувачите не и` рече ништо. Најстрашно е што жената-навредувач се однесуваше како јас да сум натрапник, децата злосторници, а таа да е во право.
Јас пораснав со децата од домот. Пред многу години одев и во дворот и во домот често, но вакво нешто немаше… Додека збунето се оддалечував од домот сакав да можам да ја викнам Мира од VIII-в, која израсна во домот и денес е во Австралија. Јас не сторив ништо, но знам дека Мира ќе можеше да ги одбрани децата од силеџијата што седеше во нивниот-нашиот двор.
Ако денес вака се однесуваат кон децата во дворот, што ли се случува внатре?.”