Заев, Мицкоски и Шилегов со сочувство за жртвите во Грција


Билансот на жртви, кои настрадаа во пожарите во Грција, во предградија западно од Атина се искачи на 100, како и на 200 сериозно повредени чуѓе, но грчките власти се` уште ги пребројуваат телата и очекуваат бројот на загинати да биде околу 200.
Огнената стихија е ставена под контрола, но човечката трагедија, официјални лица, ја опишуваат како катастрофа од библиски размери. Се претпоставува дека пожарите, кои беа активни на десетина места, се подметнати. Населението било навреме евакуирано, но ветерот не бил наклонет на луѓето кои се обиделе да избегаат-придонел пожарите да се шират брзо, а со тоа да предизвикаат голем број човечки жртви и огромна материјална штета.

Владата на Македонија издвои 6 милиони денари интервентна помош за справување со пожарите и штетите од нив. Дополнително, како што информираше премиерот Зоран Заев, ќе биде формирано Координативно тело за хуманитарна помош на настраданите.
,,Изразуваме сочувство до пријателскиот грчки народ и длабока жалост за загубените животи до сите семејства кои во оваа ужасна трагедија загубија свои блиски и пријатели”, порача премиерот на Македонија, Зоран Заев.

Сочувство до семејствата на загинатите и до премиерот Алексис Ципрас, за ненадоместливата загуба и болка, изрази и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој повика на солидарност и хуманост како цивилизациски и човечки вредности.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов,  телефонски разговараше со градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис. Тој изрази длабоко сочувство за загинатите граѓани во стихијниот пожар што ја  зафати околината на Атина.

,,Градот Скопје ќе и испрати милион денари помош на Атина за настраданите во пожарите”, информираа градските власти со објаснување дека тоа е прва итна мерка на Градот Скопје и тој останува отворен за каква било помош доколку дополнително се побара.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!