
,,Раскажувачката”
Пишува: // Фросина Ѓорѓиоска
Втори август, а јас у Велес на базен. ,,Халкидики за сиромашни” у превод. Со другариве мои резервиравме маса у ВИП делот, покрај базен. ВИП за сиромашни, се разбира.
Ама, убаво друштво секаде убаво си поминува. Мартина, амбициозно и упорно ги впива сончевите зраци и испружена како сирена со својот златно бакарен тен и француска грациозност, ги фокусира погледите на припадниците на спротивниот пол врз себе. Јас, тазе офарбана, се замишљам као Брижит Бардо у најбољи дани. Ама од Брижитка само машната во коса ја имам ,,наследено”. Далеку од грациозна, со став на разбијач или локален тепач, седам под сенка и го читам менито. И нарачувам се` што постои во менито. Вечно ненајадена. До мене, Тања, со целата своја егзотика и шарм, шири позитива од Велес до Халкидики. Не може човек да остане рамнодушен на нејзината интензивност.
-Дечко донеси три мохита и едно пиво – му велам на конобарот.
Ги носи. Точно после 23 минути. И јас сум конобар. И знам дека ако однесам нарачка 23 мин откако ми нарачале, тоа значи отказ. Но, не и овде на базенов у Велес, бидејќи овој им беше најбрзиот конобар. Пробуваме од мохитата и се гледаме едни со други.
-Дечко, имате ли кафеав шеќер?
-Немаме.
-Гледам дека немате, бидејќи мохитово плива во бел шеќер. А, мохито не се прави така.
-Ако сакаш пиј го, ако не не мораш. Јас секако ќе ти го наплатам – дрско ми одговара.
Се враќа кај колегите на шанк и го слушам:
-А, бе, на овие скопјаниве ништо не им е погодено. Оти немало кафеав шеќер во мохитото. Се замислуваат ко од Париз да се.
Нарачавме после и храна, која за изненадување беше навистина вкусна. Само што стигна нарачката, ете го од таму Маленко од Алиекспрес. Црвени спидо купачи – гаќи, за да му се истакнат атрибутите кои ги немаше. Мрсна коса на која би му позавидел и Емир Костурица и златно ланче со крст. Колку крстот поголем, толку IQ-то помало.
Дига мишка, а под мишката урда. Под купачите сигурно имаше цело бачило. Дечкото ги имаше навежбано сите мускули, освен оној мускул во черепот. На рамото истетовиран крст. На градите Богородица, на грбот Исус, а на подлактицата тенк. Се залетува, трча покрај нашата маса, ја бутка таблата на која рачно и со краснопис беше напишано ,,забрането скокање во базен” и се фрла ,,ласта”. Таквата негова амбициозна активност ни ги наполни чиниите со вода од базенот. Пилешките прсти пливаа во чинијата. Дебилот гледа во нас и се смее.
-Дечко, ова на градиве ти е Богородица? – му велам.
-Да.
-Епа да си истатовираш и Свети Спас.
-Зошто?
За да те спаси од навредите кои сега ќе ги упатам на твоја адреса, морону еден непсмен. Ако сакаш да привлечеш внимание на некоја од нас, дојди, пружи рака и запознај се. Со кое право скокаш во базен на место каде што пишува забрането скокање? Твоето ниско IQ нема да дозволам да го наруши мојот комодитет. Поимот култура за тебе очигледно е елемантарна непогода.
-Па, што ако сум ве испрскал?
-Хранава плива во вода, алооо. Дојдов овде да уживам.
-Па, и јас дојден сум да уживам.
-Моето уживање не ја вознемирува и не ја тероризира околината. Твоето уживање – да. -велам.
-Ај мори мрш од овде, шо сакам ќе праам. Мене да си ми жена нема да смееш да писнеш.
Останатите навреди кои му ги упатив после ова не се за кажување.
Од каде потребата без причина да се тероризира и вознемирува околината? Ова се истите оние ликови кои праат дома журки до 5 сабајле со најгласна музика и око не им трепнува за тие околу нив. Ова се истите оние ликови кои у бела маица синдикалка и по гаќи седат на трпеза, ждригаат и со нареднички тон и се обраќаат на жената:
-Ај, мори, напрај од она салатата и тури уште по една ракија.
Домашното воспитување игра клучна улога. На овој Маленко од Алиекспрес никој не му кажал дека неговите замисли за уживање не смеат да ја вознемируваат околината. Човекот нема развиено свесност за тоа. Нема свест за заедништво и почитување на другите луѓе и нивниот личен простор. Овој и ваквите како веќе е предоцна. Нема оправка. Мене ме плаши фактот што гледав дека имаше родители со деца (доволно големи за да разберат ако им кажеш немој) кои исто така врекаа, пиштеа, се туркаа и прскаа со вода по гостите. Трчаа низ масите, ги замараа другите луѓе. Една повозрасна госпоѓа и забележа на една мајка:
-Госпоѓо, вашето дете трча, се дере и прска околу мојата маса. Ве молам приберете го, бидејќи овде сите сме дојдени да се изрелаксираме и никој не е должен да трпи.
-Тоа е мое дете и ќе прави што сака. Нема јас да му го ускратам задоволството да трча и да те прска, само затоа што тебе тоа не ти се свиѓа. Мамичка играј си ти како што сакаш.
Епа другари тоа е се што треба да знаете за нас и нашата култура и за тоа зошто нема да не` биде.