
,,Раскажувачката”
Пишува: // Фросина Ѓорѓиоска
-Маче, дај едно пиво и четири текили, да се отрезнам од вискито.
-Ок, добивате за кратко, само да наплатам на онаа маса.
-И уште ако имаш нешто ,,бело”, ко за на казанче, уште подобро.
-Господине, од бело, само бело вино иам, па ако сакаш и на казанче моеш да го пиеш.
-Ау, паметна конобарка. Што така?
-Да не се ,,преценуваме”, ве молам. Понекогаш сум паметна само заради туѓата глупост.
Типот не ме ни сфати дека штотуку го нареков глупак. Супер жртва за мезење залак по залак, ако почне да замара. Нормално дека почна. А, што друго може да се очекува од пијан човек кој запали пура на место каде не се пуши.
-Изгасете ја пурата, знаете дека не се пуши во затворени простории.
-Епа, дојди ти да ми ја изгасиш ,,пурава”, бидејќи е многу запалена. Толку запалена што ќе почне да ,,чури” на сите страни.
Одам накај него, а тој седи на шанк столче. Застанувам пред него. Меѓу мене и него беше само неговата пура у уста, заглавена помеѓу празното место во устата каде требаше да му стои заб. Тројка горе лево, која тој ја немаше. Типов се израдува. Си рече ,,готово ја ќарив”. Го гледам пет секунди и му ја вадам пурата од уста. Ја фрлам доле и ја газам.
-Ве предупредив два пати дека овде не се пуши, а вие така сексуално настроени према персоналот, размислувате само за пурата што ви е у панталони.
-А, мори јас за тебе сум Пабло Ескобар, дрољо една.
Почнав да урлам од смеење. Пабло Ескобар, на кој во личната карта која му падна на под, а јас ја земав, му пишуваше: Санде Мадевски. Да, дами и господа, Мадевски. Прадедо му Маде се викал? Што е со презимево?
-Јас не сум како овие пички од мажиња што стојат овде. Јас сум маж со муда.
-Знам господине, тоа го заклучив по вашето презиме.
-А да ти го заклучам јас тебе еднаш од позади?
Додека јас се свестам што кажа Пабло Ескобар – Мадевски, тој веќе ме фати за задник и тоа онака сочно, одоздола. Првпат во животот не удрив. Обично секогаш сама се бранам и вистинско чудо е што се уште сум жива. Бев шокирана. Понижување од најголеми размери. Насилство, сексуално вознемирување и што ли уште не.
Со плачење истрчав надвор. Некоја од колешките идеше по мене и ми велеше да не се нервирам, дека не вреди, ама од солзите не ни можев да видам која беше. Која и да беше, јавно сакам да и кажам фала за поддршката, бидејќи настанов беше многу одамна. Во меѓувреме, шефот го викна тој од обезбедување и му рече да го исфрли Маде одма. А вратаров дојден ко во мировна мисија. Не извршува наредби од претпоставените. За случајот да биде уште потрагичен, вратаров се врти и ми вели:
-Фрос, што напраи овој?
-Ти кажа Киро, ме фати за гз.
-Хахахахахаха, па ако де, тоа е комплимент. И јас би те фатил. Зошто да го истерам човекот? Јас сум овде само ако некој се степа.
Слушам и не можам да поверувам. Не, ова не е можно. Во знак на поддршка, вратарот отиде кај Мадевски, си помуабетија нешто и се гушнаа во знак дека се разбираат еден со друг.
-Машка работа е ова Фрос, не се лути, ама вие жените сте си криви за ова, бидејќи се шетате во тесни фармерки. А маж ко маж, ќе му се дигне и ќе те фати – , ми вели волов од вратар кој беше широк колку што беше висок, метро и шеесет, ко пилешки батак полн со ГМО. На десното рамо тетоважа трајбол и златна обетка на увото. Војничка панталона за да покаже мажественост и сила.
Мадевски продолжи да седи на шанк со раскопчана кошула. Толку се раскомоти што ги соблече дури и чевлите кои ги носеше и тоа без чорапи. Лакирани се подразбира. Шпицот, исто така се подразбира. Толку остар шпиц што може да надене и комарец на него. Високи до глужд. И испотени.
Правдата мораше да биде задоволена. Морав да му вратам некако. Додека тегнеше од пивото, ждригаше и си ја местеше фризурата у огледало, се наведнав и му ги украдов чевлите. Со брзина на светлината истрчав од локалот и му ги фрлив во контејнерите кои беа на 200 – 300 метри од клубот. Петнаесет минути подоцна забележа дека му ги нема, кога сакаше да оди во тоалет. Почна да паничи. Стои бос у сред ноќен клуб и се дере:
-Кај ми се кондурите? Кој ми ги украде? Ова е масло на некој од вас персоналот.
Еден колега не можеше да издржи и почна да се смее. Мадевски со одлемени жички во главата (ред жички, ред промаја), зема и му удри бокс. Е, тогаш вратаров мораше да го исфрли, бидејќи исфрлал нели само тепачка ако има. Додека го носеше низ ходник и по скалите нагоре, јас се доближив до Мадевски и му шепнав:
-Ти реков дека ќе најдам начин да те исфрлат од овде.
Ова е показател дека не сме напреднале многу од пред неколку века. Овде се` уште се мисли дека жената е виновна ако некој ја силува или ја малтретира, бидејќи сама си го барала. Овде уште машкоста е триумф, а женскоста е другост. Ова е калта во која кубуриме (не живееме). Ова е дното од кое само поединци се обидуваат да излезат. Жени, главите горе. Никој не смее да ве убеди дека вие сте слуги на машкиот род, дури ни на индиректен, префинет и елегантен начин како што прават многумина. Никој не смее да ве убеди дека одењето по линија на помал отпор е женственот. Бидете лавици. Бидете гласни и без страв борете се против сите стигми и предрасуди. “Молчењето е злато” е поговорка на која се палат само бескичмењаци. Молчењето не е злато. Тоа е само показател на немање карактер. Жена си, значи можеш се`. Не дозволувај никој да те убеди во спротивното.