Радојка Фешн : Не сум јас крива што сум родена богата и што сите можам да ве купам

,,Раскажувачката”

Пишува : // Фросина Ѓорѓиоска

,,Станав диџеј (a може и пеач) ради манекенки, сите други женски се кретенки.”
Овие стихови од PMG Kolektiv некои мажи многу озбилно ги сфатија. А, исто и жени. Па, работеа на случајот. Секој од свој агол.

Мажите почнаа да работат на својот паричник, а и на својата популарност, бидејќи ,,манекенките” покрај падавичарење на Луј Витон чанти, свршаваат и на познати мажи. А, во Македонија да си познат значи да си диџеј, пеач, фотограф… Не мора да те бива. Доволно е татко ти да ти купи фотоапарат, микрофон и лаптоп за да напраиш плеј листа и одма си Дејвид Гета или Стинг у твое маало. Ни жениве не препуштаат ништо на случајот. Крем банани на веѓите, виршли на усните, тенда место трепки и анорексија у најава. На себе остатоци од крпа за која во мајка се колнат дека е фустан, украсена со светки за ,,гламурот” да биде поголем. На главата перика, која популарно се нарекува уметак, ама лошо поставен, па се гледа прелазот од нејзината коса и вештачката. Силиконска прерамка од прслук и фустан со гол грб го надополнуваат “гламурот” од кој и кројачкава кај мене у маало би паднала у несвест. Важно се ин, важно се фешн, важно се манекенки, ама само според сопствените стандарди за лепота. Штиклите  15-ка со платформа. Што би рекла Ина: ,,Благодарево Fashion week”. Ама битно на дечко и` кој се декларира како бизнисмен или уметник, тоа му се свиѓа. Додека сите согоруваат калории, тој очигледно согорува мозочни келии. Многу уметнички потег е да имаш таква женска.

,,Орелски нокти јас да си вметнам
и на првото сепаре да му ја летнам.” – извадок од песната ,,Т`га за Моет”.
Кога сме веќе кај моетите, тука сум најјака. Не во пиење. Туку во отварање на истите, послужувајќи некои од нашиве ,,славни” ,,манекенки”, ,,инфлуенсерки”, ,,блогерки” и старлети.
-Девојчеее, ај те молам донеси ми поубава чаша за моетот и стави ми црвена цевка, пошо не можам да пијам без цевка. И побрзо, не треба јас да чекам, туку ти да чекаш пред мене со цевката , – ми вели Радојка Фешн.
-Срце, моет не се пие од цевка , – и` велам. Ама ќе ти донесам, глеам навикната си само на цевки , – си реков у себе, бидејќи важам за културен келнер. И носам цевка, ама црна. Бидејќи само такви имаме.
-Ама па девојчееее, зашо ми донесе црна, ти реков црвена.
-Нема. Само црни иаме.
-Снајдете се, јас сакам црвена цевка. Колку пати треба да ти повторам? Ако си келнерка и не капираш од прва, не сум ти јас крива , – ми вели Радојка Фешн.
-Слушај лепотице, исто се пие и од црна и од црвена. Цевката служи за практична употреба – пиење, а не е моден додаток кој треба да ти одговара на фустанот.
-Ваша работа е да ми обезбедите црвена цевка. Или треба јас да ви купам? Не е проблем, имам јас пари, манекенка сум, бизнисменка сум, а и моите се бизнисмени.

-Не сум јас крива затоа што сум родена богата и сум од фамилија со педигре. Можам сите да ве купам , – се пали Радојка Фешн додека си го спушта црвениот сатенски минич кој и` се дигнал над гзот.
-Срц, покрај тоа што си родена богата, родена си и со лешник во главата. А, верувам и дека си со педигре. Имаш фаца на англиски булдог.

Покрај неа, напален бизон кој рекламираше рачни часовници, т.е се курчеше со часовникот и со клучевите од колата. Видливо горд на грисините (кои кај други луѓе се викаат нозе) на својата избраничка, стоеше на коњопојот надуван ко паун.

Што може да се заклучи за маж кој шета ваква самонаречена манекенка или мисица, која во светот на тие води е внесена со пари, а не со талент и која покрај ароганцијата и глупоќата има истетовирани веѓи кај некоја козметичарка што не ги стаила наочарите или кај козметичарка со две леви раце? Ваква жена може да шета само поглуп маж од неа. Толку глупа, а толку арогантна. Важно мама и тато и дале пари за бунда од природно крзно и за круна на главата што ја носеше и сите и` се смееја. Розев кармин кој ја надминува границата на нејзините усни е задолжителен.
-Девојче, ние сме на некој начин јавни ликови, јас и девојка ми, ти треба нас да ни удоволиш, батали таму други што ти нарачуваат, ние сме побитни , – ми вели овој, кој се замислуваше дека е Сил, а оваа си мислеше дека Хајди Клум.
-Јас се извинувам ваше искомплексирано височество што сум само обичен келнер, а не ваш слуга.
-Па и треба да се извиниш на елита како нас , – ми вели Радојка која си го подместуваше уметакот у коса. Тоа е онаа сорта на луѓе кои себе си се доживуваат во множина и сами на себе си се обраќаат со ВИЕ.

Каде го изгубивме чувството за вистински вредности? Зошто многу девојки сакаат да бидат мисици, манекенки, инфлуенсерки? Зошто татко ти да ти купи титула за мис и зошто мајка ти да се фали дека си манекенка, кога немаш капацитет ни за едно ни за друго? Од каде таа потреба да бидете famous по секоја цена? Бидете тоа што сте. Бидете нешто за кое сте талентирани, макар било тоа и везачка на гоблени. Ама барем ќе знаеш дека те бива. Зошто се палите на титули? Д-р, М-р, кратенки кои се добиваат во два случаи: со многу труд и образование и со многу кеш.

Вие сте од овие вториве. Палете се на човечки вредности. Круната на глава не ти вреди ништо ако под фризурата имаш лешник место мозок. Од каде потребата да ги потценувате луѓето кои чесно си го заработуваат лебот и место парите на тато го користат само својот мозок за да успеат?

Ќе ви откријам една тајна. За да бидеш успешен не мора да имаш пари и не мора да бидеш дел од друштвото на самонаречени интелектуалци и уметници. Успешна личност е онаа која секој ден станува подобра верзија од себе си, во духовна и интелектуална смисла. Ок е ако има и пари, но не е во ред тие да се смислата на вашето постоење и средство за курчење. Успешна личност е онаа која преку своето образование развила критичка писменост, која го согледува и критикува системот. Успешна личност е онаа која не е штрафче од системот. Успешна личност е онаа која не се пали на елити.

Значи другари, успешна личност може да биде и чистач, кројач, продавач, келнер, бизнисмен, фотограф, пеач, доктор и секој оној кој живее во хармонија со себеси и научил да биде човек. На крајот од денот сепак го соблекуваме гламурот од нас и тогаш нема маски. Се крши илузијата. На крајот од денот не си легнуваме со титулата, ни со општествената или уметничка позиција. Само човек со вистински вредности може да биде среќен човек. Другите секогаш ќе бидат незадоволни од нешто.
На здравје моетот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!